Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја продолжува посетата на Македонија и Албанија, две држави кои имаат аспирација за пристап кон Европската унија.
Македонија статусот кандидат го стекна во 2005 година, додека Албанија се’ уште се надева дека ќе добие таков статус.
– Германија се гледа како еден од клучните партнери на земјите од Западен Балкан. Во согласност со европските партнери, министерот Вестервеле ќе ја искористи посетата за потврдување на очекувањата поврзани со реформските процеси во земјите од регионот и нивно унапредување, се вели во соопштението од Германската амбасадата.
Како што јавува Дојче веле, Вестервеле потврдил дека двете држави имаат „европска перспектива“. Истовремено тој опомена дека се потребни натамошни реформи. Освен европската интеграција на средбата со својот домаќин македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски се очекува да бидат разгледани можностите за интензивирање на билатералните односи и економската соработка меѓу Македонија и Германија.
На програмата во двата главни града Скопје и Тирана се предвидени разговори со владата и опозицијата. За време на неговиот престој во Македонија, министерот Вестервеле ќе биде примен и од претседателот Ѓорге Иванов, а ќе оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими.