Се парализа здравствениот систем во цела држава откако денеска во раните утрински часови откажал компјутерскиот систем Мој термин. Сите здравени установи, целиот здравствен персонал утринава се известени од страна на Министерството за здравство да ги применуваат хартиените упати и рецепти, се до отстранување на дефектот кој настанал од технички причини.
Во амбулантите и болниците настанал хаос, јавуваат за НОВА од повеќе здравствени установи од државата. На скопските клиники и во болниците лекарите не можеле да ги закажуваат контролните прегледи, не биле во можност да ги праќаат пациентите на снимања. Во дел од хируршките клиники Мој термин профункционирал во 12 и 30 часот, но на некои од клиниките и до крај на работното време не профункционирал.
„ До 12 и 30 додека бев во амбуланта на рака ги пишував и ги закажував снимањата на пациентите, а не можев да ги закажам контролните прегледи. Имаше луѓе од внатрешноста, од зафрлени села кои одвај собрале пари за да дојдат на закажаниот преглед, изјави за НОВА, лекар од една хируршка клиника.
На Клиниката за хематологија иако пишувало дека може да се пристапи во системот, тој не профункционирал потврдија за НОВА од клиниката.
„ Настана хаос, пациентите реагираат, а ние се нервираме цел ден со нешто што не треба да биде наша грижа. Цело време пишував на рака, дијагнози, мислења, упати и сето отпосле е невозможно да го внесам во системот, изјави лекар од оваа клиника.
Кај матичните лекари во Велес, откако пријавиле дефектот бил саниран околу 9 и 30 часот, но повеќето здравствени установи останаа блокирани.
„Се префрливме на издавање на рецепти на хартија, а во аптеките ги замоливме да ги примаат пациентите со вакви рецепти. За закажување на прегледи ги замоливме пациентите да дојдат во друга прилика. Во исто време ги замоливме во Министерство, доколку работат нешто во системот тоа да го прават во неработни денови, изјави за НОВА, Лилјана Чолакова Дервишова претседател на Здружението на приватни лекари.
Во Министерството за здравство не одговорија која е причината за блокадата во системот Мој термин.
Ова не е првпат да откаже компјутерскиот систем со кој се закажуваат прегледите и се внесуваат сите податоци за пациентите.
Речиси секојдневно на некоја од клиниките на час-два откажува системот, при што се создаваат гужви по шалтери, а пациентите се нервираат и реагираат бучно.
Минатата недела и НОВА беше сведок кога затаи Мој термин на една од клиниките при што настана хаос и се создадоа големи редици на чекање. Додека техничарот очајно се обидуваше да го поправи системот, нервозните пациенти пред шалтерот негодуваа што мора да чекаат иако имаа закажано термин за преглед.
„ Имав закажано пред 40 минути, но, се уште чекам за да се прегледам“, рече една пациентка која била дојдена во утринските часови од Кочани.
Пред вратите на лекарите се создаде редица од пациенти, кои наместо на закажаниот термин мораа да чекаат на ред кој се обидуваше да го воспостави медицинската сестра.
Ден подоцна пациенти се жалеа дека на два часа откажал електронскиот систем и на Клиниката за трансфузиона медицина.
Лекарите и медицинските сестри постојано се жалат дека системот „Мој термин“ често откажува или пак, снемува интернет по што се случува хаос. Тогаш, велат дека подебелиот крај го вади медицинскиот персонал.
„ Во таква ситуација лекарот седи во ординација и чека да се среди системот, а пациентите викаат по нас на шалтерите. Овој систем можеби е добар но, во земји каде што има услови за тоа и каде што немаат проблем со вака слаб интернет“, изјави за НОВА медицинска сестра.
Реформата со електронско функционирање се повеќе ги револтира и медицинскиот кадар и пациентите. Тие велат дека помина цела година во надеж дека ќе се средат работите.
Од Министерството за здравство пак, постојано излегуваат со вртоглави бројки за тоа колку прегледи биле закажани и колку рецепти биле издадени преку системот Мој термин.