Во беровското село Смојмирово викендов се одржа Сточарска вечер посветена на сточарите од Малешевијата, Пијанец, околните места, како и гости од Србија.
Александар Мачевски сточар од село Робово, како еден од организаторите на настанот, истакна дека по паузата заради корона пандемијата, ова е втора Сточарска вечер на која присуствуваа околу 270 сточари од Берово, Пехчево, Делчево, Виница, Штип, Струмица и гости од соседна Србија.
„Пред четири години ја организиравме првата сточарска вечер, сега после корона кризата оваа е втора организација на оваа вечер. Благодарни сме на сите сточари од источниот дел што не подржаа, исто така и благодарност до главните спонзори на сточарската вечер. Целта на оваа средба е да продолжи традицијата и многу ми е мило дека оваа вечер имавме околу 270 гости од Македонска Каменица, Делчево, Штип, Кочани, Струмица и други градови од истокот, како и гости од соседна Србија“, рече Мачевски.
Целта на настанот, додаде, е сточарите да разменат искуства и да порачаат дека сточарството за државата, треба да биде на прво место.
Горан Стаменков од виничкото село Калиманци, одгледува околу 200 грла овци и нему вели, најтешко му паѓа цената на храната за стоката.
„Цените на производството од сточарите се ниски, додека цените на другите производи се високи, а за сточарите да бидат задоволни треба цената на производство да се покачи како со другите. Како сточар јас чувам околу 200 грла овци и произведувам млеко и млечни производи и месо. Ситуацијата е многу тешка, особено со скапата храна за стоката и ниската откупна цена на нашите производи. Млад човек нема никакви шанси да го работи ова да чува стока. Ние постарите што сме останати уште неколку во моето село го работиме ова сеуште, но доколку не се покачат цените ќе се откажеме“, вели Стаменков.
Гоце Спасов од виничкото село Трсино чува околу 20 крави, сака да успее во Македонија, но поради цената на сточарските производи веќе неколку месеци бил приморан да замине во Италија.
„Тука кај нас нема иднина за сточарство, сакаме да просперираме и да направиме нешто, младите да не одат по странство, но еве ценовниот удар по сточарите и земјоделците си го прави своето. Државата треба да помогне. На времето во моето село имаше многу млади луѓе кои чуваа стока, но сега еве народот се сели, посебно младите и никој нема интерес да се занимава со одгледување на стока“, вели Спасов.
Ристе Ивановски од Делчево е млад човек кој сака сточарството како главна гранка да опстане во Малешевијата. Според него, на секој млад земјоделец треба да му се помогне со одредена сума, за да може да купи свое стадо овци, кози или крави и да може да се определи на свој бизнис и во иднина да чува нешто.
„Сакам да чувам овци затоа што овчарството во Малешевијата над 90 посто веќе изумира. Еве во нашето село има около 120 грла на овци, кои само еден човек ги чува, а пред десетина години се чувале над 10 стада овци. Јас мислам дека за секој млад земјоделец или сточар, за да се врати во овој крај, да ги искористи сите гранки и природни ресурси, треба државата пред се да му излезе во пресрет, со грант од 5 до 10 илјади евра, за да може да почне свој сточарски бизнис“, истакна Ивановски.
Вангелина Пармачка како жена земјоделец и сточар изрази увереност дека сточарите од овој дел на државата и понатаму ќе опстанат.
„Пред нас престои некој кризен период од недостаток на храна и многу други репро материјали, кои што се скапи и понатаму ќе поскапуваат. Затоа се надеваме заеднички да ги оствариме нашите цели и идеи и заеднички да бараме што ни е потребно од државата, а таа да ни помогне за да останеме на ова поле каде што сме, овде да инвестираме и напредуваме, државата да не подржува нас, а ние да и враќаме со приходи и добивки“, рече Пармачка.
Како жена земјоделка и сточарка, Пармачка долги години семејно егзистира од овчарство и полјоделство, работејки на нива и произведувајки храна за сопствените овци.
„Целото наше производство е органско кое се стреми со повеќе критериуми, затоа сме производители и на поле за храна, а произведуваме органско млеко, органско јагне и сирење. Задоволни сме досега од нашето производство, ама не сме задоволни од недостатокот на работна рака, која навистина не спречува во остварување на нашите цели. Инаку работата не можеме да кажеме дека е многу сјајна, таа е напорна и посветена, ама ние сме упорни и се надеваме дека ќе издржиме“, додаде Пармачка, која живее во беровското село Будинарци.
Бизнисменот Благој Механџиски – Зегин, кој беше специјален гостин на вечерта, изрази задоволство што повторно е меѓу сточарите, како негови деловни партнери.
„Во моментот имаме најлош индекс на сточарство и сточен фонд во историјата на Малешевијата. Посебно сакам да нагласам дека, треба да им се обезбеди на младите и да не го понижуваат називот овчар. Јас сум овчарче од Русиново и сега сум на овчарска вечер, а од овчарче постигнав, се што сум ова денеска, така да да не се обесхрабруваат сточарите“, рече Механџиски.
Порача во сточарството да се гледа иднината на Малешевијата која го има најдобриот бренд со преку 360 домицилни автохтони растенија, кои му даваат посебен шмек и посебен антибиотски статус на малешевскиот млечен производ.
Бојан Ѓорѓиевски, ветеринарен доктор и претседател на најголемото здружение на свињарски фарми на ниво на цела Македонија „Македонско прасе“ изрази задоволство што е присутен на овој настан, кој што ги собра сите сточари и земјоделци во целата Малешевија.
„Овчарството е гранка која треба да расте и да се развива. Субвенциите треба да се тргнат, треба да се оди на рентабилност, треба да се увезат приплодни раси, млечни раси. Вие имате одлична клима цела Малешевија, имате одлични услови и пасишта, одлично земјиште, што гледајќи по статистиката многу малку е обработено, значи треба да се обрне посебно внимание, особено на вашиот дел каде што од страна на моите фармери и здружение имате секогаш огромна поддршка, подвлече претседателот на најголемото здружение на свињарски фарми на ниво на цела Македонија „Македонско прасе“.
Во рамки на Сточарската вечер беа доделени голем број награди, потпомогнати од голем број на стопанственици и фирми од Малешевијата и целиот источен регион.
Извор: МИА