Осигурителната компанија Сава осигурување најверојатно ќе ги покрие трошоците за телото на Дениса да биде вратено во државата. Доколку осигурителната компанија не го испочитува договорот, Министерството за надворешни работи е подготвено да ги покрие сите трошоци, велат за НОВА од МНР.
Дознаваме дека деновиве во МНР биле во потрага по осигурителната компанија преку која што била осигурана Дениса пред да замине да работи на брод. Откога се испоставило дека Сава осигурување е компанијата, стапиле во контакт со нив и велат дека се речиси сигурни дека работата е средена. Но, доколку компанијата не го стори тоа, министерот Попоски се обврзал дека ќе го достави предлогот на наредната седница на Влада.
Од МНР велат дека вообичаено не е пракса државата да плаќа за трошоците за граѓаните кои ќе починат во странство но, поради специфичноста на случајот , Владата е подготвена на помогне.
-Ваквите специфични случаи се решаваат со посебна постапка и државата во овој случај ќе ги покрие трошоците, доколку тоа не го стори осигурителната компанија. Но, истрагата останува во раце на грчите истражни органи. Нашето конзуларно претставништво е во постојан контакт со грчката страна, велат за НОВА во МНР.
Од таму велат дека доколку јавниот обвинител одлучи дека треба да се направи повторна обдукција на телото во Македонија, тогаш ќе бидат покриени и овие трошоци од државата.