Екста меин била причината за листеријата од која починаа пет, а заболеа 10 луѓе. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Никола Тодоров, откако вчера ги добиле резултатите од Институтот Пастер и од лабораторијата Ансес во Париз , која е референтна лабораторија за листерија моноцитогенес во ЕУ.
„Денеска имам обврска да ја информирам македонската јавност дека резултатите и од двете референтни лаборатории ги потврдија во целост досегашните наоди добиени во националната референтна лабораторија при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Двете лаборатории потврдија дека станува збор за потполно идентичен генотип кај изолатите од храна и изолатите од хумано потекло, односно двете лаборатории во целост ги потврдија резултатите кои Министерството за здравство претходно ги имаше објавено, дека причинител за листерија кај заболените и починатите пациенти е производ од компанијата Екстра Меин од Куманово изјави министерот Тодоров на прес конференција.
Тодоров потенцираше дека со добиената потврда конечно е ставен крај на шпекулациите и дека станува ист извор на листерија, исто како што тоа го утврдиле македонските здравствени власти.
„Не обвинуваа за фалсификување на постапката и документацијата, не обвинуваа дека постапката за пронаоѓање листерија е нестручна и наместена, дека непотребно сме ставале некоја фирма на столб на срамот. Спротивно на сите лабораториски анализи, тврдеа дека листерија нема. Тврдеа дека е избрзана игра за наоѓање виновник, не прогласија за егзекутори, за аматери и непознавачи на проблематиката, кои нестручно менаџирале и на крај тоа го покриле со егзекуција на некоја фирма.Ние за цело тоа време верувавме во квалитетот на знаењето и професионализмот на македонските експерти од Факултетот за ветеринарна медицина, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје – Велес, Институт за микробиологија и Агенцијата за храна и ветеринарство, рече Тодоров.
Овие резултати Министерството ќе ги достави до Основното јавно обвинителство, по што се надеваат дека истрагата ќе биде завршена што побргу.
Остана нејасно, колку од заболените и починатите јаделе од свинскиот врат на Екстра меин.
Како што на почетокот на август објави објави НОВА повикувајќи се на изјава во Комисијата за заразни болести, само двајца од заразените со опасната бактерија листерија јаделе од сецканиот свински врат од Екстра меин, за останатите надлежните потврдија дека незнаат дали конзумирале од овој сувомеснат производ на кумановската фирма.
За цело време додека траеше испитувањето, надлежните лаборатории се препукуваа меѓу себе, лабораторијата на Факултетот за ветерина не ги признаваше резултатите на Институтот за јавно здравје, што доведе до голема забуна и паника кај граѓаните. Во меѓувреме Екстра меин започна со производство на сувомеснати производи, а надлежните не ја спомнуваа бактеријата листерија како никогаш и да не случила.