„Добредојде Претседателе“ – славјето на радикалите по веста за ослободувањето на Војислав Шешељ
Војислав Шешељ ќе биде ослободен, јавуваат српските медиуми, повикувајќи се на изјави на членови на семејството по веста дека обвинетиот лидер на српските радикали ќе биде привремено пуштен на слобода од Хаг поради нарушено здравје.
Судскиот совет на Хашкиот суд му одобрил привремено ослободување на Шешељ. Претставници на Српската радикална партија (СРС) веќе најавиле голем собир на кој Шешељ ќе им се обрати на граѓаните на Србија.
Зоран Красиќ од СРС тврди дека „само е прашање на денот кога Шешељ ќе биде во Белград“, што зависи од процедурите на ИЦТЈ, додека синот на Шешељ, Александар тврди дека ќе допатува уште денес.
„Доколку се вратам во Србија нема да се бавам со своето лекување, туку сите сили ќе ги фокусирам на одмаздата“, порачал Шешељ од Хаг.
Судскиот совет на Хашкиот суд вчера решил лидерот на српските радикали, чија здравствена состојба се влошила, привремено да го пушти на слобода за да добие здравствена нега во соодветни услови.
Српските медиуми претходно јавија дека Шешељ боледува од рак на дебелото црево кој, по операцијата направена летоска, метастазирал во црниот дроб.