Марија Трпевска се уште чека одговор од министерот Тодоров, од што починал нејзиниот син Влатко, кој неколку часа по приемот во Градската хуруршка болница„ Св. Наум Охридски“, за време на операцијата го заврши својот живот на само 25 години. Иако пред речиси еден месец министерот Тодоров вети дека формирал Комисија која треба да го испита случајот, Марија вели дека досега никој не ги викнал на разговор, ниту им побарале документи од болничкото досие.
„Никој не ме повика документи да однесам, ги имам сите документи. Мене болката ми е многу голема, а ова сега уште дополнителна болка сама да ги читам и сама се прашувам што се случи. Бев и во Лекарската комора ме вратија ми рекоа ние само сертификати издаваме, дека не можат да ми помогнат. “, изјави со солзи во очите Марија Трпевска, мајка на починатиот Влатко.
Оваа жена вели дека секој ден оди во Министерство за здравство, во архива го бара барањето кое го поднеле уште на 1-ви септември.
„Некој да ме прими барем да ми објасни колку време треба за да ми одговорат од што почина син ми. Прашувам еден, не си за кај нас, прашувам друг вели не си за кај нас, само ме шуткаат и дополнителна болка ми создаваат. Да се заинтересира некој, да види што с е случило со тоа момче тој ден, вели Трпевска.
Марија се уште се прашува зошто незиниот син не бил однесен на обдукција. Вели дека документите се фалсификувани бидејќи во 23 часот навечер на 17 август кога им било соопштено дека починал синот, тие не потпишале налог за обдукција иако во документот стои така. Лекарите само им кажале дека после два часа телото ќе биде испратено на обдукција.
„Ние ноќта си отидовме дома околу 1 и 30 по полноќ, а утредента наутро маж ми го барал на судска медицина и патологија мислејќи дека е направена обдукција. Таму им кажале дека такво тело нема. Тогаш еден од вработените се јавил во градска болница каде му кажале дека е во некоја кабина во болницата. Во болницата на маж ми рекле зошто да го секцирате детето има и друга опција, одете кај директорка потпишете двајца и земе си го детето. Нашиот сват, татко на снаата и маж ми потпишале во 14 часот на 18 август, а во градска пишува дека потпишале на 17 август. Мојот сват не беше во државата тој ден. Маж ми беше под седативи, некој го подучил да потпише таму, не бил свесен дали била правена обдукција, ние со тоа не се занимаваме, тоа е нивна работа“, објаснува Трпевска.
Оваа мајка која го изгубила синот, за кој вели дека никогаш во живот не бил болен подготвена е правдата да ја тера до крај.
„Барам од надлежните да ми кажат од што почина мојот син и дали знаат што е мајка и како боли? Од што почина? Затоа што беше недела на дежурство и немаше специјалисти? Од изгубено време или од што немаше дијагноза цело време? Од тоа што викнаа лекар од дома во последен момент кој воопшто не знаеше за што се работи?“низ плачење прашува Марија.
Семејството Трпевски тврди, дека смртта на нивниот син е обвиткана во мистерија, со многу нејаснотии. Тие сакаат да знаат што се случувало од моментот кога бил задржан на лекување, за време на операцијата на која што починал, потоа зошто се криеле резултатите од патологија.
За нив е нејасно, зошто отпусната листа ја добиле дури по два месеци, но и од кои причини не е направена обдукција веднаш, која во вакви случаи е задолжителна и за тоа не треба да се прашува семејството. На потег е министерот Тодоров. Тој треба да одговори што констатирала Комисијата и зошто и по еден месец никој не го контактирал семејството Трпевски.