Осум лица загинаа во синоќешното пукање во центарот на Јеховините сведоци во Хамбург, меѓу кои и осомничениот напаѓач, соопшти утрово полицијата, првпат официјално објавувајќи го бројот на жртвите.
Напаѓачот пукал во „учесниците на настанот“ организиран од таа заедница, соопшти полицијата, додавајќи дека се повредени повеќе луѓе од кои „некои тешко“.
Германската полиција го истражува мотивот на напаѓачот за кого не се познати повеќе детали. Но, весникот Шпигел пишува дека се верува дека напаѓачот бил член на заедницата на Јеховините сведоци. Весникот, повикувајќи се на неименувани извори, додава дека напаѓачот имал меѓу 30 и 40 години и дека претходно не ѝ бил познат на полицијата како екстремист.
Полицијата во Хамбург треба да се обрати до медиумите со повеќе детали напладне.
„Лоши вести од Хамбург“, напиша канцеларот Олаф Шолц на Твитер утрово, нарекувајќи го нападот „брутален чин на насилство“.
Вели и дека неговите мисли се со жртвите, нивните семејства и членовите на безбедносните сили, кои, како што рече, извршувале „тешка задача“ во пукањето, кое се случи околу 21 часот.
Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер напиша на Твитер дека властите работат брзо на истрага на злосторството.
Германија има некои од најстрогите закони за оружје во Европа, а министерот за внатрешни работи кон крајот на минатата година рече дека владата планира дополнително да ги заостри.
Во соопштението на својата веб-страница, Јеховините сведоци велат дека заедницата е „длабоко погодено од ужасниот напад врз нивните приврзаници во Салата на Царството во Хамбург по службата“.