Нови превирања меѓу глувите лица. Од Здружението на глуви и наглуви на град Скопје тврдат дека претседателот на Сојузот на глуви Васко Марков со притисоци, закани и расправии се обидува да ги добие и овие избори кои ќе се одржат на 21 ноември, во петок во Охрид, со што ќе си обезбеди уште еден мандат како претседател на Сојузот.
„Марков ги манипулира глувите, а најчести закани за да делуваат во негова корист се дека ќе ги избрише од списокот за финансиски надоместок, дека ќе направи да ги изгубат работните места, дека никогаш нема да добијат социјален стан. Со тоа удира на најосетливите точки, основните егзистенцијални прашања за глувите лица, велат за НОВА од Здружението на глуви и наглуви на град Скопје.
Тие денеска се организираат за да изберат ново Собрание и делегати. Планираат во петок избраните делегати да отпатуваат во Охрид со надеж дека ќе им биде дозволено да учествуваат во изборот. Тие се надеваат и дека и останатите глуви лица нема да подлегнат на манипулациите на Васко Марков и ќе гласаат по своја воља и личен избор.
„Сакаме да нагласиме дека не планираме да се откажеме, на планираме да подлегнеме на притисоците. Овој Сојуз мора да се реформира , глувите лица мора да добијат силен, лојален и објективен лидер“, велат од членови на ова Здружение.
Според нив, претседателот Марков пред десетина дена на неколку глуви лица им предложил да не се организираат избори на ниво на Здружение на глуви. Наместо тоа, неколку глуви лица да назначат 21 член на новото Собрание на Здружението и 5-те делегати кои треба да учествуваат во изборот на нов претседател. Тоа значи, Марков да учествува во овој избор со што ќе се биде сигурен дека тоа ќе бидат делегати кои ќе гласаат за него, велат од Здружението.
Ова глувите лица, членови на Здружението не го прифатиле.
Васко Марков не доставил покани за учество на избор на делегати во неколку градови што тој ги смета за негови опоненти, а тоа се Здруженијата на Скопје, Гостивар, Кавадарци и Штип. Со тоа велат дека се обидува да ги манипулира изборите во своја корист.
Минатата година глувите лица неколку пати протестираа и бараа оставка од претседателот Васко Марков со образложение дека не се залага за правата на глувите лица, дека несовесно раководи со Сојузот,како и тоа дека нечовечки и нехумано се однесува со членовите на Сојузот на глувите лица.