Во официјално соопштение потпишано со „фракција на ДУИ“ денес беше објавено дека таканаречената „огнена група“ околу Изет Меџити и останатите фракционери е на став дека евро-атлантските интеграции се „приоритет над приоритетите“ и затоа „цврсто“ ги поддржуваат уставните измени.
„Сакајќи во овој процес да имаме активна а не само набљудувачка улога, иако официјално не смe поканети, ја изразуваме нашата целосна подготвеност како фракција во рамките на Демократската унија за интеграција да учествуваме во работната група за уставни измени и да ги ставиме на располагање на државата сите наши професионални капацитети“, се вели во соопштението.
Фракционерите додаваат дека ја поддржуваат „непоколебливо“ иницијативата за уставни измени, процес кој би отворил нова перспектива за земјата на патот кон интеграција во ЕУ, почитувајќи ја апсолутната волја на албанскиот народ за отстранување на формулацијата „20 проценти“ од Уставот во однос на албанскиот јазик.
„Го покануваме целиот албански политички фактор да се произнесат за оваа битна тема, да ја поддржат оваа иницијатива и да бидеме обединети во овој став, бидејќи со ова се отвора ново поглавје во нашиот пат кон ЕУ, но исто така се поправа и една дво-децениска неправда кон албанскиот народ во Република Северна Македонија“, велат тие.
Но иако соопштението е во духот на поддршка на уставните измени сепак во него е содржано и барањето за отстранување на формулацијата „20 проценти“, за што од владејачката партија преку вицепремиерот Маричиќ беше пласиран став дека Уставот би се менувал само во делот за внесување на Бугарите.
Ова благо отклонување од општиот став на власта каде што припаѓа и фракцијата на ДУИ засега нема одговор од врвот на коалициските партнери СДСМ и ДУИ иако претставува дополнително загрозување на потребното мнозинство од 80 гласови „за“ во парламентот кои засега се недостижни.
С.К.