Опозиционата коалиција „Сојузот за иднината“, предводена од СДСМ, на политичката конвенцијата што се одржа во Куманово, усвои декларација за, како што се наведува, обнова на демократијата, слободата и правдата во Македонија.
Со декларацијата, која содржи пет точки, претстојните локални избори се означуваат како нелегитимни и се повикуваат граѓаните да ги бојкотираат истите.
Актуелните опозициски пратеници и кандидатите од листите за парламентарните избори одржани во 2011 година ќе ги вратат своите мандати на денот на одржување на локалните избори, одлучено е денеска во Куманово.
Од опозицијата најавуваат дека „локалните избори на кои еднострано ќе бидат прогласени градоначалници и совети без легитимитет ќе бидат предмет на ревизија со која ќе се преземат соодветни политички и законски механизми за нивно поништување и повторно одржување по промената на актуелната власт на предвремени парламентарни избори“.
Декларацијата пред присутните ја прочита Сафет Бишевац од Санџачката лига, потенцирајќи дека на 24 март сите граѓани ќе бидат исправени пред досега најважниот личен демократски предизвик со својот избор да не учествуваат на локални избори. Граѓаните, истакна тој, ќе дадат конкретен влог и ќе донесат директна одлука за себе и за иднината.
„Напорите за враќање на земјата на вистинскиот демократски европски колосек треба да станат врвен приоритет за секој македонски граѓанин на“, стои меѓудругото во декларацијата на „Сојузот за иднината“ .
Во своето обраќање лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски ги повика присутните да не ја губат надежта дека битката ќе биде добиена.
„За Македонија со самопочит и за почит вреди човек да не се штеди и да се бори до крај. Тие бегаат и од гласот на народот и од избори. Ние се бориме за иднината, а тие за своите џепови. Оваа власт донесе буџет на противуставен начин, брутално исфрли новинари и опозоционери и не покажа чувство за одговорност, јасно е дека ја поминаа црвената линија“, рече Црвенковски, повторувајќи го барањето за предвремени парламентарни избори.
Црвенковски додаде дека од оваа битка не се откажува без разлика дали ќе остане или нема да остане претседател на СДСМ.
Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски рече дека токму од Куманово историски гледано почнуваат вистинските битки за државата.