За побрзо да истекува водата од Слатинско Езеро, тим нуркачи денеска отвориле еден од двата испусни вентила од акумулацијата. Со тоа треба да се намали нивото и притисокот на водата која почна да протекува вчера поради попуштање на браната.
Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека вториот вентил, на длабочина од 8 метри, не можело да се отвори поради неисправен механизам.
– Вработените од подрачното одделение од Охрид заедно со тимот нуркачи на Дирекцијата се на терен и ја следат ситуацијата со истекувањето од браната и се во состојба веднаш дополнително да интервенираат ако за тоа има потреба, информираат од ДЗС.
Напукнувањата на браната беа забележани во текот на вчерашниот ден. Тие се последица на обилните врнежи од дожд и притисок на акумулираната вода во езерото, како и поради несоодветното санирање на оштетувањата кои и претходно биле присутни.