Новинар: Саше Димовски
Златко Арсовски, алијас Бреза, на денешното судење во Основниот суд во Велес за убиството во селото Ореше, остана на своето тврдење дека лажел како заштитен сведок и останува на својот исказ од февруари 2013 година, кога го откри својот идентитет.
Во тој исказ, Арсовски објасни дека се што кажал додека бил заштитен сведок под псевдонимот „Бреза“ не евистина, а тоа го направил под притисок на полициски инспектори и на сведокот Вељо Арсовски, кои му се заканувале дека ќе му ги накалемат сите кривични дела што биле сторени во Ореше, ако не ја каже изјвата која му била напишан ана лист и му била дадена.
-Откако ја научив на памет изјавата, го скинав листот и го фрлив во вц-шољата за да не го најде некој. Сакав да ја сменам изјавата уште додека ме сослушуваа во Скопје како заштитен, но полицијата ме посетуваше пред секое судење и ми го даваше листот да се потсетам – тврдеше Златко Арсовски пред судот.
Арсовски ги објаснуваше и посетите на Вељо Арсовски во затворот, на кои го снимал без негово знаење, делот кога го преместиле во затворот во Штип, фактот дека користел привилегии, дека му отвориле кафе бар во Скопје, и му ветувале 15 илјади евра и вработување на неговата сопруга, но како што рече: „откако полицијата не исполнила ништо од тоа, решил да ја каже вистината“.
На прашање од судот, кој исказ е точен, дали тоа што го зборувал во истрага и на главен претрес додека бил заштитен или ланскиот кога проговори со целосен идентитет, Арсовски рече дека последниот исказ е вистинит.
Со сведочењето на Арсовски кон крај се ближи повтореното, четврто по ред судење за убиството на старецот Лазо Милошевски во Ореше во 2005 година. Обвинети за убиството се браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски, а нарачател Ѓоре Петровски.
На следното судење во средината на јануари треба да се сослушаат уште тројца сведоци и да се изведат материјалните докази.