Фатени рака за рака околу илјада граѓани вечерва на снег и на температура од минус 2 Целзиуси го обиколија скопскиот Градски трговски центар во знак на протест поради намерата на Владата да го реновира ГТЦ во барок. По „гушкањето“ на трговскиот сите запалија „жижици“, продолжија да протестираат со свирење и скандираа „ГТЦ е наш“ и „Не го даваме!“.
Протестниот настан „Во Новата година со стариот ГТЦ“ го организираше неформална група на активисти, а по неколкуте говори манифестацијата продолжи во концерт пред самиот влез на трговскиот центар.
Претседателката на здружението „Центар за културно наследство“ Донка Барџиева-Трајковска предложи да се интернационализира проблемот со реновирањето на ГТЦ и да се испрати декларација до сите поважни интернационални институции
– Го сакам ГТЦ бидејќи не е нашминкан со евтина шминка, не е претенциозен и нема историски наратив. Ако го изгубиме ќе ги изгубиме и нашите сеќавања. Оваа власт не е наша, да беше наша немаше денеска од неа да го браниме Градскиот трговски центар – рече Барџиева-Трајковска.
Пред насобраните граѓани говореше и Ратка Димитрова, пратеничката од првиот состав на македонскиот Парламент и основач на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ. Таа рече дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од идејата за ревидирање на ГТЦ.
– Од вмровската влада очекувам не да владее со граѓаните туку да управува со државата – порача Димитрова.
Еден од домаќините на протестната манифестација актерот, Марин Бабиќ најавувајќи го синот на Живко Поповски, идејниот автор на ГТЦ, рече дека починатиот архитект може само да биде среќен што не присуствува на злосторството врз неговото дело.
Синот на архитектот Живко Поповски, Аљоша потенцираше дека неговиот родител никогаш не бил дел од некоја партија, ниту пак ГТЦ треба да се гледа како нечиј партиски симбол.
– Инспирацијата за ГТЦ му е од западните земји, а не како што знаат да кажат дека таа е комунистичка. Тој работеше во Холандија и одеше по многу други европски центри и инспирациjата ја црпеше од еден трговски во Ротердам, од друг во Брисел… – објасни наследникот на Живко Поповски.
Архелогот и туристичкиот водич, Василка Димитровска рече дека често луѓето ја прашувале кои објекти може да се наречат културно наследство.
– Сето она што ќе го помине тестот на времето може да се нарече културно наследство, а токму тоа е ГТЦ. Тука многумина од нас го купиле првиот велосипед, мобилен или од тука го добиле подарокот од некоја многу драга личност која веќе не е меѓу нив. ГТЦ сум јас пред пет години, татко ми пред 20 и дедо ми пред 40 години. Моите родители не се од некоја барокна престолнина, тие се од Скопје – рече Димитровска.
Пред граѓаните за ГТЦ говореше и писателот Томислав Османли. Тој се присети дека живеел во кулата бр.2 од Градскиот трговски центар и како млад гледал како се гради објектот.
– Ова маало е опеано во многу книги, го има и во текстовите на големиот Славко Јаневски, во неговата „Улица“. Јас ја имав таа среќа да гледам како се создава овој прекрасен бел брод со два оџаци на врвот, кој сега е нападат со фасадирање. Да не дозволиме овој симбол на мундијализмот да заплови по водите на невкусот – порача Османли.
Актерката Ана Костовска ја пeеше „Скопје радост ти ќе бидеш (градот убав пак ќе никне)“, а насобраните граѓани ја слушнаа и легендарната „Неправда“ од Лева патика.
Граѓаните бурно реагираа при спомнувањето на името на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, а го исвиркаа името и на архитектот на идејното решение за барокното ГТЦ, Жарко Чаушевски.
Сличен настан се оддржа и минатата година кога исто така поголем број на граѓани го заобиколија ГТЦ во една симболична прегратка.
Повеќе фотографии од настанот може да погледнете на овој линк.