Отпорот продолжи и денес пред Министерството за труд и социјална политика.
„Ова е бастионот на социјалната невработеност. Република Македонија се наоѓа на европскиот врв по процент на невработеност. Званичната невработеност од 32% нѐ прави неславни рекордери, и режимот на Груевски, наместо како што вети да испорача сериозна политика на економски развој што ќе отвора нови работни места, тие се одлучуваат проблемот на невработеност да го решат со пиши – бриши политика, со бришење од евиденција на огромната армија невработени“, изјави Весна Бендевска, пратеник на СДСМ.
„Седум години не е решен проблемот со стечајците. Десет илјади граѓани талкаат по улиците за корка сув леб. Врв на хипокризијата на оваа погубна политика е кога граѓаните кои беа прогласени за технолошки вишок, согласно закон имаа право пет години пред пензија да го користат тој надоместок, Владата на Груевски тоа го скрати на само година ипол. И денес имаме нова армија граѓани во сериозна возраст кои на пазарот на трудот никој не им дава можност да заработат за корка сув леб, рече Бендевска пред насобраниот народ.
Таа го посочи примерот од сторијата на НОВА, кога еден младинец ќе освои награда од 1400 денари и ќе ја посочи трансакциската сметка од својот татко, кој патем е корисник на социјална помош, не само што ќе им ја скратат за цела година оваа социјална помош, туку ќе ги примораат истата да ја врати во една рата за 12 месеци. „Тоа се вика социјална неправда“, истакна пратеничката на СДСМ.