Воведувањето на биометриското скенирање предизвика реакции во лекарската фела- претседателот на Лекарската комора Кочо Чакаларовски смета дека следењето од страна на Министерството за здравство е оправдано, додека неговиот колега Милчо Пановски предупредува дека станува збор за флагрантно кршење на правата.
Чакаларовски во изјава за НОВА, детално го опиша системот, со кој како што рече, ќе се врши контрола на работењето и движењето на лекарите во здравствените установи. Тој нагласи дека овој систем не е толку наменет да се контролира слободата на лекарите, колку да се знае каде се движат, за да бидат пронајден идоколку треба итно да бидат повикани за некоја интервенција.
На оваа тема беше дискутирано на три јавни состаноци со министерот за здравство, претставници на Лекарската комора, Синдикатот и заинтересираните лекари од болниците и клиниките, рече Чакаларовоски.
„Тоа не е џи-пи-ес, туку систем на електронска картичка која ќе ја има закачено на мантилот секој лекар. Лекарот треба да знае дека целосно треба да биде посветен на работата. Да се знае каде е, ако е на некој состанок, на некоја комисија да се знае дека е таму.
Периодот од паузата за појадок ќе биде празен, нема да се следи каде оди и што прави. Но, доколку има непокриен период во кругот на болницата, ќе биде прашан каде бил во тој период. Целта е да се оневозможи работа на лекарите приватно во текот на работното време, а не толку за да се следи нивниот приватен живот, изјави за НОВА, Чакаларовски.
Тој нагласи дека лично немал проблем со овој предлог, односно измена во законот бидејќи во многу западни земји се практикува ваквиот начин на работа бидејќи работата на лекарите е јавна. Но, кај лекарите ова предизвика бура од негативни реакции.
“Ќе се набавуваат биометриски скенери со кои ќе ни гледаат во зеници за да знаат каде сме. Можеби сум бил во погрешни земји во како Данска, Шведска, Норвешка, Франција но, вакво нешто не сум видел.
Ова е многу необично, апсурдно и мислам дека идејата е да се втера страв во коски. Се знае како се прави контрола на сработеното, со извештај кој оди кај директорот на клиниката, а не преку Министерство за здравство”, изјави за НОВА професорот и абдоменален хирург, Милчо Пановски
Во Клинички центар се коментира дека нема потреба од овој систем, бидејќи кога докторите се во амбуланта преку „ Мој термин“, се пријавуваат и тоа се евидентира електронски, додека со досегашниот ди-ер-џи систем секој лекар пишува што сработил, оттука, велат дека не е точно дека надлежните немаат контрола на нивното работење.