Затворени се три нови ординации во кочанско Облешево и во други околни села. Трендот на иселување на лекарите од земјата не само што не запира, туку зема се поголем замав. Најнов предизвик на лекарите се скандинавските земји. Масовно се отселуваат во Шведска и Данска, но во 90 проценти се уште заминуваат во Германија, велат за НОВА во Здружението на приватни лекари на Македонија. Од таму потенцираат дека надлежните мора да сторат нешто за да запре иселувањето на лекарите.
„Апелирам до премиерот и министерот за здравство да направат нешто, за да ги задржиме лекарите . Да и погледнеме на вистината во очи и да им кажеме на граѓаните дека одржување на еден здравствен систем чини многу. Да се направи нешто во смисла, дел од парите од патарините, од акцизиите за алкохол и цигари да се одвојат за платите на лекарите за да го задржиме квалитетот и лекарите да останат тука“, изјави за НОВА Лилијана Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на РМ.
Нема прецизни податоци колку вкупно лекари се иселиле од земјата за да работат во странство.
Според податоците од Лекарската комора до септември 2014 -та година 139 лекари побарале потврди дека поседуваат лиценци за работа и дека за нив не се води спор пред судот на честа, што е единствен индикатор како се движат работите. Дека трендот на заминување се зголемува покажува и претходната 2013 година кога вакви потврди побарале 154 лекари. Во 2012 -та година тој број изнесува 138, во 2011 -та 127, додека во 2010 само 72 -ца лекари се обратиле во комората за вакви потврди. Од таму велат дека вакви потврди се издаваат и за лекарите кои одат во странство на семинари и конференции.
Во Здружението на приватни лекари објаснуваат дека електронското здравство е чекор напред, но бараат што побрзо укинување на хартиените рецепти, дневниците, ослободување од тоните хартија со кои секојдневно се губи многу време, наместо да им се посвети на пациентите. Освен зголемување на платите лекарите очекуваат зголемување за 30 проценти на капитациониот бод (месечна сума одредена по пациент). Со ова веруваат дека ќе се допринесе да се стопира трендот на заминување на лекарите во странство.