Фото: Министерот Миле Јанакиески покажува што е А4 формат
На мојата другарка Тања Кочишка, најголемиот борец што го запознав
Целата приказна за Миле Јанакиевски, инаку министер за транспорт, веќе ја знаете. Германската фирма „Лудвиг Фајфер“, која го добила тендерот за проектот „Реконструкција и продолжување на канализациона мрежа во Прилеп“, раководен од Министерството за финансии, закупила деловен простор за потребите на проектот во куќата на Јанакиески во Прилеп.
На прашањето како ги запознал закупците кои одлучиле да ја изнајмуваат токму неговата куќа, министерот Миле рече дека имал објавено оглас на влезната врата од куќата.
“Имав објавено едноставно бели листови, А4 формат на влезната врата од куќата во Прилеп што ја издавам”, изјави министерот, покажувајќи при тоа со рацете како всушност изгледа лист А4 формат.
Ако некој не знае што е лист А4 (за таквите, министерот беше принуден да црта со прстите низ воздухот), кренете ги рацете паралелно во висина на очите и повлекувајте една замислена линија, се додека не покажете дека се работи за правоаголник.
Доколку доволно долго го вежбате ова воздушно засекување со прстите за да објасните на неуките (вклучувајќи ги и оние без импакт-фактор) што е А4, имате огромни шанси да станете министер во владата на Груевски.
Оп, одиме сите заедно со министерот Миле: Оп, на ен, два три, одиме: горе рацете, показалците кон спротивната страна, лево- десно и обратно, горе-доле, лево-десно и обратно. И така до бескрај. Додека Груевски не го согледа вашиот потенцијал за министер. Затоа што, да го парафразирам Оскар Вајлд, Груевски “не си го губи златното време на глупаци “.
Груевски знае дека оваа навидум лесна вежба всушност е крваво тешка министерска операција. На која и претходела лоботомија.
Знаете, министерот Миле отсега па натаму, нема да има воопшто потреба да купува бели листови хартија А4. Доволно ќе биде само да ги користи рацете, правците веќе ги научил напамет и- за се што сака да и соопшти на јавноста, доволно е да и се обрати со знаковниот јазик на показалците. Со оглед на тоа што ништо друго и нема што да каже, ниту пак некогаш имал.
Куќата на министерот Миле е куќа за сите нас, за сите наши деца. Затоа, да се собереме два милиони и да се вселиме кај министерот Миле. Нема смисла сам да седи во вицот.