Социјално загрозените семејства не ја добија социјалната парична помош, иако Министерството за труд и социјала уште пред четири дена соопшти дека уште во текот на истиот ден ќе бидат исплатени сите средства.
„Уште не се исплатени паричните средства за социјално загрозените семејства. Премиерот и министрите на сиот глас се фалат дека во Македонија тече мед и млеко. Всушност голем дел од народот се соочува со невидена сиромаштија, напиша на својот ФБ профил граѓанка, која неколку пати неделава се јавуваше во редакцијата на НОВА.
Оваа информација ја потврдија и други граѓани кои револтирано се јавуваа во НОВА во текот на вчерашниот ден.
Семејствата кои се на рaбот на егзистенција и примаат социјална помош цела недела ја чекаат исплатата, а како што велат најтешко им било за празниците кога останале гладни, без леб.
Од Министерството за труд и социјала за НОВА, на 20 јануари го испратија ова соопштение.
„Извршена е исплатата на ова право до крајните корисници на трансакциска сметка. Средствата ќе ги добијат во текот на денешниот ден на своите сметки. Како причина за привремен прекин на исплатата на правото, може да биде датумот на контролниот преглед на корисникот за обнова или продолжување на правото, поврзување на трансакциска сметка со социјален број издаден од Центарот за социјални работи. Во таков случај странката може да се обрати во надлежниот Центар за социјални работи, за регулирање на исплатата“, се вели во одговорот од Министерството за труд и социјала, од пред четири дена.
Но, социјално загрозените семејства паричната помош се уште не ја добиле.