18-ти април
Денеска почна и кампањата за парламентарните избори закажани за 8-ми мај. Отсега па во неколкуте наредни дена, до молкот пред претседателските кој стапува на сила ден пред првиот круг избори на 24-ти овој месец, двете кампањи, претседателската и парламентарната ќе се поклопуваат.
НОВАтв.мк на дневно ниво и во идентичен формат ќе ја продолжи изборната хроника за претседателските, но во друг новинарски извештај редовно ќе известува и за настаните на учесниците во парламентарните избори со акценти од нивните програмски понуди и предизборни пораки.
Сега по ред за денешните активности на претседателските кандидати по ред согласно редоследот од гласачкото ливче утврден со жребање во организација на ДИК.
Стево Пендаровски – кочани:
По 17 години со статус на земја кандидат за членство во ЕУ, сите ние, ова политичко раководство, со ваша поддршка ги отворивме преговорите, но се соочивме со две блокади, надворешната од соседна Бугарија, но и внатрешната блокада, којашто повеќе боли, од најголемата опозициска партија, рече вечерва на предизборниот митинг во Кочани, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
- Велат дека тие договори не ги признаваат и ако дојдат на власт ќе ги поништат, наместо да ги отворат и да видат што пишува во нив, дека Македонци постојат, дека македонски јазик постои и тоа никој не смее да го негира во целиот свет. Ни велат дека само како Бугари сме можеле да влеземе во ЕУ, но тоа не е точно, затоа што договорите ги има на интернет, прочитајте ги. Тоа е голема лага што им служи само да го замајуваат народот за да дојдат до власт, без да водат сметка за интересите на граѓаните. Нудат поништување на сите договори, враќање на поделбите и владеење на истиот начин како претходно, без да решат ниту еден стратетешки проблем. Ние тоа нема да им го дозволиме, на демократски начин, на избори, истакна Пендаровски.
Во своето обраќање Пендаровски одговараше и на прашања од присутните на митингот, при што истакна дека останува на ставот дека е потребен ветинг во правосудството. Ветингот, рече тој, треба да ги опфати и политичарите и то неколку децении наназад. Во врска со обвинувањата од опозицијата за негова поврзаност со криминални структури во Грција, Пендаровски истакна дека може лесно да се провери имотната состојба и дали има нелегално заработени пари од странство, нагласувајќи дека токму во најблиското окружување на претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ има луѓе што не би го поминале ветингот.
Попладнево претеседателскиот кандидат Пендаровски одржа митинг и во Виница, при што потсети дека иако денес се противи, Христијан Мицкоски пред извесно време на тогашниот бугарски премиер му кажал дека го поддржува Договорот за добрососедство. -Тој веројатно заборава дека интернетот не заборава, може да нè лаже дека не го кажал тоа, меѓутоа тој на чист бугарски јазик му вели „Ште поткрепиме тој договор“. Кога Мицкоски вели дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, не сака да каже една друга негова изјава, негов став и став на неговата политичка партија, дека тие се наследници на Ванчо Михајлов. Значи вели, шефот на историското ВМРО од тоа време и денешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ се во континуитет, тој се смета за наследник на Ванчо Михајлов. Сите знаете дека Михајлов целиот свој живот се декларирал како Бугарин, додаде Пендаровски.
Гордана Сијановска Давкова – Охрид:
На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
- Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
- Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.
Стевчо Јакимовски – Гевгелија:
Најостро реагирам на изјавите на господинот Бујар Османи, кој
практично свој леб јаде, туѓо гајле бере и најостро реагирам на неговата
жирафа политика. Жирафата млекото го дава кај комшијата, а јаде кај вас.
Тој цело време збори за Косово, за Косоварите, но никако да каже нешто
за подобрување на животот на граѓанитена Република Македонија.
- Ни кажува дека ако Косово некаде не учествувало на некој состанок, дека
тој како претседател на држава ќе одбиел д аучествува, сега ни кажува
дека мора да гласаме за влез на Косово во Советот на Европа. Овие негови
ставови се еднонасочни, не водејќи сметка дека во оваа држава има и
други граѓани, има и Македонци, Срби, власи, Турци итн. и не водејќи
сметка дека ние имаме и друг сосед, тоа се вика Србија, голем сосед со
којшто имаме добри односи и цело време настојува да ги влоши тие наши
односи.
Јас јавно прашувам: Што треба Република Македонија повеќе да стори за
Косово? Дали го дадовме нашето небо за да биде бомбардирана СР
Југославија во 1999 одина? ДА! Дали дадовме база во Куманово, Петровец и
во Катланово за да се стационираат НАТО-војници за евентуална
интервенција врз СР Југославија? ДА! Дали примивме 300.000 бегалци од Косово? ДА!
Јас сум секогаш за принципиелна политика, ако има злочин тоа е злочин,
ако има геноцид тоа е геноцид, секое дете, секоја солза е иста, сите
солзи се бистри и сите мајки исто плачат на своите погинати чеда.
- Резолуцијата во ОН за Сребреница не е наша работа, тоа е работа
што треба да си ја решаваат некои други, а ние треба да водиме сметка за
добрососедските односи со сите земји на Балканот, вклучително и со
Косово, но во исто време и со Србија и да водиме сметка дека во оваа
држава има и други граѓани коишто имаат респект кон спскиот народ,
истакна Јакимовски.
Бујар Османи – Скопје
Претсдетелскиот кандидат Бујар Османи својата денешна кандидтатска активност ја реализираше преку парламентарната иницијатива на својата партија и т.н. Европски движење со виртуелна седница на постизборен парламент на која тој едногласно е избран за претседател на државата.
Преку оваа симилација тој практично потврди дека тој и неговата партија постизборно ќе инсистираат наредниот претседтел на државата намест како досега на непосредни избори, да се избира во парламентот со двотретинско и со бадинтерово мнзинство, став што Оамани го протежира и за време на своите индивидуални настапи во рамките на својата кампања како претсдтелски кандидат.
Билјана Ванковска Мирчевска – Велес:
Претседателскиот Билјана Ванковска кампањата за претставување на својата програма ја продолжи со митинг во Велес. На самиот почетоктаа истакна дека до сега била сама во кампањата, а од денес битката добива нов квалитет. –
- Посакувам да го изодиме овој пат борбено, чесно и доследно. Она што нас не’ разликува од оние што трчаат на кратки патеки е тоа што ние трчаме маратон. Нас не’ не задоволува фотелја и позиција. Ние имаме кауза, истакна Ванковска.
Од говорницата во Велес, Ванковска кажа дека во овој град доаѓа само еден ден по нејзиниот главен ривал Гордана Силјановска.
- Нејзиниот настап вчера го проследив со внимание. За момент помислив дека на Силјановска треба да и понудиме членска карта на Левица. Се повикува на Рацин, на Денови, на аргатски маки големи…, што мислиш дека се завртила на другата страна. Кој кого фолира и кој се обидува да го заведе народот ќе видиме за скоро време. Како може да зборувате за социјална држава и социјална правда, а пред вас во првите редови да седат најбогатите. Таа зборува за најсиромашните, а не го гледа лидерот на својата партија кој и обезбеди над 300 илјади евра за кампања, рече Ванковска.
Арбен Таравари – Струга:
Борба против миграцијата со зголемување на минималната плата до 800 евра вети кандидатот на претседател од коалицијата Вреди, Арбен Таравари на вечерашниот митинг во Струга.
Со зголемувањето на минималната плата до 800 евра до крајот на четиригодишниот мандат, смета дека ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
- Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Како идна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра, рече Таравари.
Доколку коалицијата ја добие довербата на граѓаните, тој посочи дека ќе поддржуваат креативни идеи преку грантови за технологија и иновации.
- Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град, подвлече Таравари.
Максим Димитриевски – Куманово:
Кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим вечерва на митинг на градскиот плоштад во Куманово испратат порака дека Македонија повторно се буди од Куманово.
- Пред пет години работев за избори за претседател и помогнав на еден човек да стане претседател на државата и тој човек дојде во наше Куманово и рече дека кога вашиот градоначалник ќе испадне, го чекаме да се приклучи. Ќе му одговарам на кумановски, „никад па ни т`г“, рече Димитриевски.
Тој им порача на сите дека залудно пребројуваат, бидејќи ова е Куманово, Македонија во мало, и нагласи дека повторно гордо ќе се вее македонското знаме. Димитриевски кажа дека корупцијата навлегла во сите сфери од општеството, здравството, правдата, дека токму заради неправдата си заминуваат младите, бидејќи никој од политичарите не застанал зад граѓаните. На митингот во Куманово вети правда, отворање на секој предмет, а ќе пресудуваат искусни и вредни луѓе за сите кои „се огрешиле од законот.
- Ќе има правда, тогаш кога на вистинско место ќе дојдат вистински, одговорни луѓе, бидејќи овие не само што нѐ лажеа, во целост нѐ прелажаа, па дури и од сопствениот народ се откажаа, од вредностите на Крушевскиот манифест и АСНОМ и од сè што е свето за Македонија и ако им дозволиме тоа ќе продолжат да го прават тоа, кажа Димитриевски.