Владата на Република Северна Македонија по побарано мислење од Уставниот суд, го разгледа случајот со користењето и случувањата околу новиот стадион во Тетово и донесе неколку заклучоци.
Оценето е дека општината без законски основ го дала Стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“.
Влада при носењето на заклучоците на денешната седница ги зеде предвид и одредбите на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, според коишто, надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право, има само Владата на Република Северна Македонија.
Заклучено е Генералниот секретаријат на Владата да подготви комплетна информација во врска со статусот на објектот „Нов фудбалски стадион Тетово“, КП бр. 11476, а во меѓувреме, да се испрати укажување до Општина Тетово за да се прекине со работите на теренот, додека нема правна разврска на случајот.
Исто така, Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него.
Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, а во врска со овој случај.