Професорот Гордан Калајџиев во интервју за НОВА говори за случајот “Пуч”
Секуловска: Постојат многу непознаници во случајот Пуч и обвинувањата кон Заев и од страна на МВР, но и од премиерот Груевски. Има разни шпекулации за обвинувањата кон Заев. Едно од нив е дека Заев примал документи од странци (нема обвинување дека се од странски разузнавачки служби), каде имало докази за злоупотреби на моќ, функција, криминални и коруптивни дела на Груевски и високи функционери во власта. Дали станува збор за кривично дело ако се добијат документи од лица кои не се државјани на Македонија?
Калајџиев: Според чл. 316 од Kривичниот законик е забрането да се даваат податоци и документи, а не да се добијат. Освен тоа, законот јасно ги штити интересите на државата, па мисли на податоци што ќе и наштетат. Ако му се давани документи на Заев кои се однесуваат на злоупотреби на моќ, функција, криминални и коруптивни дела, тој има должност да ги обзнани и предаде на надлежните државни органи.
Ние сега не знаеме од каде се овие материјали и дали е навистина проблематична нивната законитост. Она што е поважно е дали навистина има докази за корупција и криминал, за кое секој има морална а за потешки дела и правна обврска да ги пријави, или се работи за друг вид на компромитирачки материјал, за што нема индиции.
Секуловска: Дали според вас Заев смее да ги објави овие документи?
Калајџиев: Секој, па и Заев има обврска за пријавување документи кои се однесуваат на тешки кривични дела. Дали некои од доказите се незаконито прибавени не мора да биде проблем на пријавувачот, но секако е од секундарна важност.
Општествениот интерес за објавување и процесуирање на сериозен криминал и корупција претежнува над интересот за заштитата на приватноста на поединци и сл. Освен тоа, избраните и именуваните функционери имаат во таа смисла повеќе одговорности отколку права, што ги разликува од полоѓбата на обичните граѓани.
Секуловска: Но, Груевски тврди дека Заев го уценувал со овие документи, барал техничка влада и предвремени избори, дали му ветил дека нема да ги објави е во доменот на шпекулација
Калајџиев: Дали било паметно што Заев тактизирал или ако на некој начин го уценувал премиерот е проблем на Заев и неговата партија. Но тоа повторно не е главниот проблем. Тоа не го амнестира Груевски од неговата одговорност за некои работи кои ние сега не ги знаеме, но тој самиот лично ги призна пред целата македонска јавност! Оттука, клучното прашање е да видиме за што се работи и која е неговата одговорност или одговорноста на другите инволвирани.
Да си признаеме, Заев имал проблем бидејќи објективно не можел да им верува на институциите.
Ние немаме заштита на т.н. whistle blowers , луѓе од кои протекуваат документи и информации за коруптивност на власта, , иако за тоа постои обврска во меѓународните документи.
Затоа- дали Заев ги злоупотребувал овие разговори со Груевски е помал проблем. Поголемиот проблем е поголемиот криминал, односно документите за кои говори Заев а кои се однесуваат на криминал на Груевски.
Секуловска: Груевски во своеото обраќање му гарантираше на Заев независен судски процес
Калајџиев: Уф. Груевски во говорот призна 2 сериозни работи: прво, дека навистина има некаков криминал во материјалите од Заев, за што зборував претходно и второ, дека тој одлучува кој кого гони во оваа држава и кој ќе биде осуден. Не е негова работа ниту да гони, ниту да гарантира каква ќе биде судската постапка!
Страшно – премиерот и гони и суди во исто време. Ова за мене е пострашно, корупција имало и ќе има, повеќе или помалку, ама да ги окупирате инструментите на правната држава и да не се срамите од тоа е чиста катастрофа. А меѓународната заедница во соопштенијата кои се однесуваат на овој случај не реагира на ваквите изјави на Груевски.
Секуловска: Меѓународната заедница и покрај критиките и извештаите за непостоење на независно судство, за негова партизираност, сепак опстојува на барањето за транспарентно судење.
Калајџиев: Што да ви кажам, не ги разбирам, тие како да веруваат во можноста Заев да добие фер и транспарантно судење, а самите знаат дека нема услови за такво нешто.
Ако е точно тоа што и тие го тврдат дека судството, полицијата и обвинителството не се независни, не очекуваат белким дека тие ќе се променат преку ноќ или дека ќе се случи некое чудо!?.
Па еве на конкретниот случај гледаме дека се гони тој што пријавува криминал, а од петни жили се прават напори доказите за тоа да се скријат, да се прогласат незаконити и веројатно да се класифицираат. Не би се чудел и ако дел од нив се уништат. Затоа не ги разирам пораките на меѓународната заедница. Ако утре сите нас што ја критикуваме оваа власт не затворат, што ќе речат странците?
Исто- бараме транспарентно судење. Што ако не снема? Ќе бараат транспарентна истрага? Треба јасно да се каже дека Македонија нема сили правно да ја реши оваа криза. Токму затоа, идејата на Ахмети за случајот Монструм, за независен, странски мониторинг и согласноста на Груевски може да биде употребена и тука.
Јас прв јавно коментирав дека идејата на Ахмети не е прифатлива, ама сега не гледам друг излез. Мора да има некоја меѓународна гаранција за евентуалниот судски процес- дека ќе биде непристрасен, независен и надвор од било какви влијанија и притисоци на премиерот и на власта.
Секуловска: Дали може власта да ги забрани овие документи, да бидат објавени од Заев и од медиумите?
Калајџиев: Се работи за јавна функција, Груевски е политичар и тој обавува јавна функција. Сетете се со случајот на Зоран Талер- новинарите под лажен идентитет му изнудија признание за корупција. Мора да биде објавена корупцијата и криминалот на носител на јавна функција, не може да биде спречена.
Секуловска: Дали објавувањето на видеото на You tube а и објавени прво на Сител, подоцна и од други медиуми, од разговорите Груевски- Заев е повреда на кривичната постапка? Иако Владата не вели дека стои зад ова видео, невозможно е да биле снимани од други служби.
Калајџиев: Кој може да го снима премиерот во неговиот кабинет? Само со негова дозвола и само службите. Ако снимките се направени со Посебни истражни мерки, тие се автоматски класифицирани и нивното објавување е забрането и казниво. Ако пак се направени од безбедносни причини, секое снимање од овој тип на јавен простор или во институции според Законот за заштита на лишни податоци, каде ова е правно уредено, истото мора да биде јавно истакнато (дека се снима).
За ова исто има санкции во споменатиот закон. Неовластено снимање е инаку и кривично дело во Кривичниот законик. Друго е прашањето за политичката и демократската култура. Да го снимате политичкиот противник на средба „во четири очи“ е брука и покажува политичка и општа некултура.