Фидијас Панајоту (24), популарен Јутјубер и ТикТокер чии духовити и понекогаш бизарни објави собраа стотици илјади следбеници, го запрепасти кипарскиот политички свет затоа што, според сите пресметки, тој освои едно од шесте места доделени на оваа островска држава во Европскиот парламент.
Се проценува дека независниот кандидат го освои третото место на изборите за Европскиот парламент на Кипар и беше зад двете големи партии, конзервативната ДИСИ и левичарската АКЕЛ.
Фидијас, син на грчки православен свештеник, изгради кариера на TikTok и YouTube, собирајќи стотици илјади следбеници.
Неговиот канал на англиски јазик на YouTube собра 2,6 милиони претплатници откако почна да објавува во 2019 година, што е повеќе од двојно повеќе од населението на Кипар (1,25 милиони). Младиот човек од Менико, село во областа Никозија, стекнал светска слава кога отишол во мисија да го прегрне Илон Маск.
Пред неколку месеци, кога најави дека ќе се кандидира за Европскиот парламент, се појави во видео со три вратоврски, сако и шорцеви. Тој од самиот почеток искрено призна дека не знае ништо за политика или за Европската унија, но вети дека ќе поставува прашања, ќе чита и ќе учи.
Имам 23 години и никогаш во животот не сум гласал и една вечер си реков дека ако никогаш не гласам и не ме интересира, секогаш ќе бидат на власт истите глупаци и реков доста е , коментира тој.
Панајоту ја припиша својата победа на моќта на социјалните мрежи.
Ова е можеби првпат да биде избран целосно независен кандидат без никаква поврзаност со политичка партија, но со социјалните мрежи како единствено оружје, рече тој и ги повика традиционалните политичари да ги остават зад себе конфликтите и да се сеќаваат дека им служат на народот, а не на нивните сопствени интереси.
Кипар има шест претставници во Европскиот парламент, а според проекциите тој ќе биде еден од нив.