пишува: Фејзи Хајдари, политички аналитичар и издавач на весникот „Лајм“
Албанската јавност во Македонија, исто како македонската (па дури и со поголем интерес), го очекува долго најавеното објавување на „бомби” од претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Кај поголемиот дел од албанската јавност не постои дилема дали таканаречените “бомби” содржат компромитирачки содржини и за преставници на ДУИ. Бидејќи последните години ДУИ функционираше како најтврдокорниот и најлојалниот бастион на „ДПМНЕ-измот”, албанската јавност е убедена дека доколку постојат компромитирачки „бомби” за ВМРО-ДПМНЕ, уште повеќе постојат компромитирачки „бомби” за ДУИ.
Најголемата дилема кај Албанците е дали господинот Заев ќе ги објави „бомбите” за ДУИ, или ќе се одлучи да ги поштеди нив, со цел во иднина да ги користи во функција на политиките на СДСМ, исто како што ги користеше сиве овие години ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку господинот Заев донесе таква одлука, мислам дека тоа не само што ќе биде фатална грешка за СДСМ, туку и за иднината на Македонија. Јас воопшто не сакам да верувам дека Заев ќе им поверува на приказните дека објавувањето на „бомбите” за ДУИ, ќе се одрази негативно на меѓуетничките односи во Македонија. Напротив.
Доколку се одлучи да ги скрие „бомбите” за ДУИ, тогаш албанската јавност ќе се чувствува манипулирана, и ќе се создаде впечаток дека Македонците сакаат да создадат албанска поданичка политичка структура, преку која ќе спроведуваат антиалбанска политика. Во таков случај, мислам дека тука ќе ни се случи тоа што се случува во Косово во моментот.
Еден дел од албанската јавност целосно ќе ја изгуби довербата во државата Македонија, и ќе се одлучат масовно да се иселат од тука во други земји (косовски синдром). Од друга страна, друг дел од албанската јавност е можно да се радикализира, и својот револт кон една држава „која сака да ги користи преку марионети”, да го манифестираат со порадикални форми.
Објавувањето на доказите (за кои сум убеден дека господинот Заев ги поседува) кои ќе покажат дека ДУИ-стите не се албански, туку дпмнеовски патриоти, ќе се создаде нова реалност, во која ќе имаме релаксирани меѓуетнички односи, особено помеѓу Албанците и Македонците. Со тоа ќе се покаже дека не се Македонците тие кои сакаат Албанците да ги владеаат неписмени и криминилизирани структури, туку дека тоа всушност е проект на една политичка структура, која досега кај Албанците се доживуваше како патриотска.
Ќе биде многу наивно од СДСМ, доколку поверуваат дека со помош на ДУИ ќе може да направат нова влада, која ќе ја врати Македонија во еден нормален колосек. ДУИ се толку соживеани со дпмнеовската идеологија, што при првата шанса која ќе им се укаже, ќе му заријат нож во грб на СДСМ и на Заев, со цел да му се осветат за рушењето (евентуално) од власт на нивниот ментор и идеолог, Никола Груевски. СДСМ и господинот Заев треба да бидат свесни дека само преку соработка со здрави политички и интелектуални албански структури, кои не се компромитирани ниту политички, ниту економски, ниту идеолошки, ќе може да се изгради нова реалност во Македонија, во која ќе бидат задволни сите нејзини граѓани, а не само припадниците на одредени етникуми.