Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон, САД, имал средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан со кој договориле во иднина да воспостават специјална економска соработка согласно која министерствата за финансии на двете Влади ќе отпочнат процес во којшто унгарската Влада ќе и` позајми на македонската Влада сума од 500 милиони со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години. Дополнително, земјава ќе може да се обрати за дополнителна економска поддршка.
Денеска заедно со премиерот на Унгарската Влада, господинот Виктор Орбан имавме исклучително квалитетна и плодна средба. Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија. Во името на таа соработка се договоривме дека веднаш сега одговорните лица, министерствата за финансии на двете Влади да отпочнат процес во којшто Унгарската Влада ќе и позајми на Македонската Влада сума од 500 милиони евра под следните услови, а тоа се камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години, информира Мицкоски по средбата.
Како што е познато, претходно, во предизборниот период на политичка кампања претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најавуваше една милијарда евра поволен кредит, а не половина од таа сума како што тој денеска соопшти.