Според Народниот правобранител Иџет Мемети, во Македонија е загрозено правото на приватност и правната сигурност на граѓаните. Во однос на прислушувањата кои вчера ги обелодени лидерот на СДСМ Зоран Заев, Мемети изразува длабока загриженост.
– За информациите дека се прислушувани голем број на граѓани, и во однос на тоа што беше јавно покажано, искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права без оглед дали се работи за јавни личности или други лица. Оваа појава е застрашувачка и штети и на прислушкуаваните и на сите други граѓани во Македонија, вели Мемети.
Тој апелира до граѓаните, до инволвираните и институциите да не си играат, бидејќи се работи за сериозна појава.
– Народниот правобранител во однос на општи појави освен што може да ја искаже неговата загриженост во однос на прекршувањата на правата и да апелира да се почитуваат правилата и прописите итн, не може друго да направи. Може да води постапка ако одредено лице бара од него заштита, вели Мемети.




