Два белгиски дневни весници, Libre Belgique и Le Soir, националната белгиска телевизија РТБФ и францускиот дневник Le Monde, вчера отворија интернет сајт под име “Sourcesûre” (Безбеден извор) кој на анонимни интернет корисници ќе им дозволи да бидат во контакт, на анонимен начин, со овие четири медиуми на најбезбеден начин и да им испратат документи или тајни информации за да се откријат нелегални или сомнителни акти.
Секоја добиена информација ќе биде разгледана и проверена од страна на редакциите и, доколку се открие сомнителна зделка, медиумите ќе ја испратат до нивните обвинителства кои потоа треба да отворат истрага.
На овој свет во кој размената на информации е огромна, потребно е вакво безбедно средство кое ќе им дозволи на оние кои имаат информации за кои треба да се алармира и тие луѓе да можат да бидат во контакт со медиумите но, истовремено, тие лица да можат да ја задржат анонимноста безбедносни причини.
Според уредникот на Libre Belgique, ова е «платформа, еден вид поштанско сандаче на модерното време».
Авторството на оваа формула им припаѓа на холандските медиуми кои ја реализираа во 2013 година во моментот на откривањето на Викиликс. Холандската платформа се вика Publeaks и во неа учествуваат 54 медиуми од оваа земја. Во Белгија и во Франција идејата им се допадна на двајца новинари, едниот од францускиот весник и вториот од белгиската телевизија. Тие потоа идејата им ја изнесоа на другите два медиуми во желба да се почне и ваква франкофонска платформа.
Сајтот е отворен на сите франкофонски медиуми доколку се обврзат дека ќе водат продлабочена истрага и ќе ја почитуваат новинарската деонтологија.
Конретно, човекот кој има информации треба да влезе во сајтот www.sourcesure.eu и да ги остави на сајтот информациите што ги поседува, на еден или на повеќе медиуми. Доколку овој човек прифати да биде во контакт со новинарите, новинарот кој ги прима информациите двајцата ќе можат да разговараат на интернет а сето тоа ќе се прави преку тајна шифра. Според Libre Belgique, холандското искуство вели дека интернет «chat» е често корисен за да се направи добра истрага и таа да добие судска завршница.
Технички, сајтот ја користи платформата GlobaLeaks, рутери и сервери на анонимната мрежа TOR (The Onion Router) и системот TAILS (The Anonymous Incognito Live System) кој ги брише сите трагови од интернет контактот.
Според уредникот на Libre Belgique во неговиот денешен коментар «се работи да се охрабри било какво издајство ниту да се креира клима на сомничавост, да се хероизираат луѓе «предавници» и да се фрлат на улица приватни работи. Но, ни се чинеше корисно да испразниме некои црни кутии кои содржат информации кои можат да придонесат за добро функционирање на демократијата», вели Франсис Де Вустејн и додава дека тоа треба да им се овозможи безбедност на луѓето кои ги имаат тие информации.
Според него, има работи кои треба да се подобрат во демократиите кои често боледуваат од недостиг на транспарентност и оттука луѓето често имаат впечаток дека работите им се кријат и не им се кажува вистината.
Свисликс е последниот скандал од овој вид кој предизвикува сомнеж кај граѓаните кои од една страна мораат да ги следат буџетските кратења во нивните држави а од друга гледаат исто така дека најбогатите луѓе и фирми плаќаат ситен данок и своите пари ги ставаат во даночни раеви. Овој сајт, помеѓу другото, бис акал да се бори со сите овие маани на демократијата.