Руските сили денеска ракетираа супермаркет во украинскиот град Костјантиновка, во регионот на Доњецк. Нападот бил извршен додека во продавницата имало многу луѓе. На социјалните мрежи се шират снимки од нападот.
Најмалку 10 лица загинаа, а повеќе од 35 се ранети, соопшти Украинската канцеларија за вонредни ситуации. Се стравува дека под урнатините на продавницата има повеќе луѓе.
Украинските власти најавија дека ги утврдуваат сите последици од нападот.
Нападот на супермаркетот во Костијантинивка е уште еден пример за руски терор. Сè што можат да направат е да убиваат цивили, објави на Телеграм Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Шефот на регионалната воена администрација изјави дека Русите го нападнале супермаркетот со ракета од типот Х-38.
Во нападот се оштетени девет продавници, пошта, девет приватни куќи, 12 изложбени павилјони и 12 автомобили.