17 јуни, 1972 година. “Пет мажи, за еден од нив се вели дека е поранешен вработен во ЦИА, беа уапсени во 2.30 ноќта во, како што опишаа властите, завера да се прислушкуваат канцелариите на Демократскиот национален комитет ” (Седиште на Демократската партија). Taкa изгледа описот на настанот на 7. страница од книгата “Сите луѓе на претседателот” на Боб Вудворд и Карл Бернстајн, книга за Вотергејт, еден од најголемите скандали во историјата на Америка- прислушкување на политичка опозиција.
Големината на скандалот е во последната реченица, прислушкување на политичка опозиција, упатена кон мојот драг колега од 24 вести, Гоце Михајловски, кој на интервју го праша лидерот на опозицијата Зоран Заев каде е скандалот во прислушкуваните ленти кои ги пушти на јавноста. Таму нема криминал, таму нема злоупотреби, му рече тој, не сфаќајќи ја тежината и ужасот на прислушкување на над 20.000 луѓе.
Дел од јавноста претпоставувам дека се сложува со мојот колега, затоа што не разбира дека на тој начин, преку прислушкување функционирала целата држава, не само власта.
Сите овие години на владеење на Груевски бил изграден некој нов, суров свет, кој го запоседнале моќници, кои монструозно го уништиле секој човек во оној момент кога седнале на столчето, со слушалки на ушите, како во тајната служба Штази, чиј музеј денеска предупредува за стравотиите на репресивните методи на режимите. Македонските Штази офицери под палката на Груевски, како во “Новиот, храбaр свет” на Хаксли, потребата на човекот да му биде оставено време да го помине сам, ја сметаат за нечуена, навредлива можност.
Едноставно, ни го исклучиле правото на живот.
Никој од нас всушност не знаел дека живее, дека постои во нереален, паралелен свет за кој Стивен Хокинг мечтае дека е веројатен, но се разбира, никако на овој начин: бизнисмените, политичарите, новинарите, академиците, професорите, судиите, буквално секој атом во ова општество бил усмртен само со едно прислушкување.
Но, што е со Заев? Во неговото интервју со мојот ценет колега Мухамед Зекири на Алсат, најави една операција која, се надевам, е идеја на моментна инпирација, никако сериозен обмислен потег. Имено, Заев изјави дека сите документи, докази од прислушкувањето кои се однесуваат на криминалите на оваа власт ќе бидат објавени. “Сите други досиеја ќе биде уништени, освен оние кои се однесуваат на општествено поставени луѓе, поставени како совест на општеството (политичари, новинари и др.)- нивните папки ќе им бидат врачени лично и тие ќе одлучат дали ќе ги објават јавно”. Доколку ова навистина е планот на Заев, тој е крајно погрешен.
Заев мора да дозволи досиејата да бидат откриени, сите оние досиеја кои се сведоштво за угнетување, прогони, репресии, тиранија на оваа власт, еднакво како што тоа го стори Германија, со откривање на сите досиеја на Штази преку кои биле уништени милиони животи, да бидат отворени за истражувачите, историчарите и новинарите. Затоа што нивното уништување би значело бришење и палење на историјата, потег кој ниту еден современ политички лидер не би го дозволил.
Сетете се на 9 декември, 1989, кога црни облаци го покрија седиштето на Штази. Тоа беа последните денови од режимот, кога тајната полиција ги палеше документите, доказите за репресиите на режимот, што доведе до првата окупација на граѓаните на зградата, кои со помош на обвинител, формираа Граѓански Комитет, кој ја надгледуваше работата на државните службеници. Архивата на Штази, 33 милиони страници, е сочувана.
Во 2005 досието на Хелмут Кол беше дадено на увид исклучиво на новинари и истражувачи, се разбира не сите 9.000 страници, особено не оние кои се однесуваат на неговите приватни релации, соништа, дилеми и надежи. Им беа дадени 1.000 страници и покрај долгата битка на Кол и на одредени луѓе дека не смее да му биде даден еднаков третман како на останатите, стотици проминентни Германци, кои биле засрамени од објавените материјали и нивната колаборација со режимот, откриена на светот по неговиот пад.
Денеска, сведоштво за бруталноста на режимот на Источна Германија е и архивот- музеј на Штази, каде пред неколку години бев во посета. Доволен е само мал поглед на тунелите и подрумите каде постојат специјални услови за досиејата грижливо сочувани на натежнатите полици, на истражувачите кои специјална опрема ги проучуваат историските факти од кои еднакво се срамиме и ние денеска, соочени со крвавата палка на Груевски. Затоа што никогаш не смее да се повтори.