Интерпелацијата на претседателот на Собранието Африм Гаши треба да биде разгледана на денешната прва пленарна седница по одморот на пратениците. Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на Левица, а според најавите, поддршка ќе даде опозициската СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициониот партнер „Вреди“ нема да дадат поддршка.
Интерпелацијата за Гаши ја поднесе пратеничката група на Левица и ја заснова на 7 точки. Според Левица, собранискиот спикер работел нестручно, неуставно и неделовнички и ја повредил секуларноста на државата бидејќи дозволил извршување на верски обреди на една од седниците на комисиите. Во интерпелацијата е наведен и случајот со косовската претседателка, а според Левица, собранискиот спикер направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја дал како веќе избран претседател прво ја кажал на албански, а не на македонски јазик.
Претседателот на Собранието на брифингот со новинарите на 27 август рече дека интерпелацијата ќе биде прва точка на дневен ред на седницата закажана за денеска. Интерпелацијата, како што тогаш изјави, не е политички издржана. Се надева дека на седницата ќе има соочување на аргументи и, како што рече, како ќе одлучи пленумот, така ќе постапи.
– Изразуваме безрезервна и едногласна поддршка за претседателот Африм Гаши, нагласувајќи дека оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата „ЛЕВИЦА“, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси, информираа од коалицијата „Влен“.
Од опозицијата најавија дека ќе гласаат за интерпелацијата затоа што сметаат дека во изминатиот период тој има направено премногу престапи. Сметаат дека Гаши треба да понесе одговорност за случајот со косовската претседателка на Меѓународниот аеродром Скопје, како и за одењето со службено возило на свадба во Косово.