Владата на Србија донесе заклучок со кој се усвојува пакет правни и економско-социјални мерки насочени кон заштита на правата на Србите и виталните државни и национални интереси во Косово, оперативен план за спроведување на одредени мерки во социјално-економската област, како и Министерството за одбрана да поведе процедура за задолжително служење на воен рок.
– Мерките подразбираат силна дипломатска кампања на сите државни органи за заштита и борбата за почитување на правата на српскиот народ на подрачјето на Косово, кои се загрозени од едностраните и насилни потези на Албин Курти, поради што е неопходно враќање на статус кво, како основа за почитување на сите достигнувања на дијалогот, се наведува во соопштението на Владата.
Сетот мерки вклучува и силна финансиска поддршка за српскиот народ на подрачјето на Косово, преку доделување по 20.000 динари (околу 10.000 денари) месечно за 5.000 невработени и социјално најзагрозените корисници, бесплатни учебници за сите деца, надоместок за ужина за децата во предучилишното образование, основните и средните училишта, нови работни места, инфраструктурни проекти во форма на изградба и адаптација на нови куќи за српскиот народ во Косово и Метохија, се со цел системска поддршка за одржлив опстанок на српскиот народ на овие простори.
Членовите на Владата донесоа и заклучок со кој се наложува Министерството за одбрана да ја поведе постапката за враќање на задолжителниот воен рок во траење од 75 дена.