Процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија да се темели на постигнувања, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, порача денеска од Брисел премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека на средбите уште еднаш потенцирал „дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор не е прифатлив“, како и дека „остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“.
Мицкоски, кој денеска присуствуваше на работниот ручек кој што го организираше старо-новата претседателка на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на кој што беа присутни и останатите пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, рече дека „нормално е дека на тие состаноци се разговара и за европската перспектива на регионот, како и европската перспектива на Македонија како држава“.
Она кое што можев да го кажам таму, а да го повторам и за вашите гледачи е дека мора процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор, нагласи Мицкоски.