Овие локални избори ќе останат запаметени по настаните кои им претходеа, а кои ги осмисли шефот на опозицијата Бранко Црвенковски уште во јули, лани, заради личен интерес за да го избегне поразот на локалните избори и заминувањето од лидерската функција, а на штета на државата и на својата партија, изјави денеска премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Тој на пораката на Црвенковски упатена од Куманово, минатата недела дека „а бил, а не бил, од него немало спас“, му одговори дека тој е политички противник кој само може да се посака.
– Бранко не та бил, та не бил, него гледај да бидеш, оти нам на ВМРО-ДПМНЕ ти најмногу ни одговараш за престедател на СДСМ. Со менувањето на името во БЈРМ, со твоето минатото, со шверцовите за време на ембаргото, со октоподот и пирамидалните штедилници, со криминалните приватизација и твоите олигарси, со бркањето на Ауди од Македонија, со твоето неработење, немање реформи и дела, со лагите и манипулациите на народот дека ќе им вработиш по еден член, а место тоа им отпушти по еден, со криминалот кој царуваше во твоето време ти Бранко си политички противник кој само може да се посака, да се бара низ Европа не може да се најде, рече Груевски.
Му посака, како што рече, во мај да добие нов мандат на лидерската позиција на СДСМ, и оти како што вели, ќе се справат со неговиот нагон на правење штета на држвата, на што се навикнала и меѓународната заедница.
На конвенцијата беа претставени 70 кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ која изборната кампања ќе ја води под мотото „Одбери дела, Македонија се сака со дела“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека се тоа кадри кои се истакнале со својата досегашна работа и реализирани проекти, но и нови лица кои се избрани низ строга и квалитетна партиска процедура за да се задоволат критериумите на партијата и поставениот модел на политичари кои ги реализираат ветувањата.