НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Празното ветување за глобален мир: Како центрите на моќта и инерцијата поттикнуваат конфликти

0
By Zoran Ivanov on October 4, 2024 ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

И покрај големите зборови и декларации, меѓународните мировни иницијативи остануваат симболични. На 25-годишнината од декларацијата на ОН за „Култура на мирот“, авторитарните режими како Русија продолжуваат да ги експлоатираат глобалните институции, оставајќи ги цивилите да го сносат товарот од тековните војни и кризи – Политички есеј објавен во Балкан Форум по повод Декларацијата за култура на мирот и Генералното собрание на ОН.

Џабир Дерала

Не без помпезност, ОН ја воведоа Декларацијата и Програмата за култура на мирот на крајот на претходниот милениум. Тоа беше просечен ден во Њујорк, понеделник, 13 септември 1999 година, кога државите од светот претставени во Обединетите нации, со консензус и без резерва, изјавија дека „мирот не е само отсуство на конфликт, туку бара и позитивен, динамичен и партиципативен процес, каде што се поттикнува дијалогот и се решаваат конфликтите во дух на меѓусебно разбирање и соработка“.

Несомнено, позитивен сентимент, но како тоа му помогна на човештвото?

Декларацијата од 1999 година е само еден од многуте глобални договори и програми кои влеваат надеж во теорија, но се промашувања во пракса. Мировните иницијативи на ОН честопати се без заби, бидејќи волјата за колективно дејствување е попречена од геополитичките интереси, националните агенди и овластувањата за вето на клучните играчи во Советот за безбедност.

Во меѓувреме, Руската Федерација, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, лажно тврди дека има наследено право од Советскиот Сојуз – држава што не постои од 1991 година – и продолжува да ја злоупотребува оваа привилегија. Русија во континуитет манипулира и ја злоупотребува својата позиција за да блокира бројни резолуции насочени кон одржување на глобалниот мир. На пример, таа го искористи своето право на вето повеќе од десетина пати од почетокот на сириската граѓанска војна за да спречи значајна меѓународна интервенција, и покрај документираните злосторства од страна на режимот на Асад. Слично на тоа, во контекст на воената агресија против Украина, Русија во неколку наврати стави вето на резолуциите на Советот за безбедност со кои се осудуваат нејзините дејствија, оневозможувајќи усвојување на било какви санкции или воени мерки преку ОН. Надвор од ОН, влијанието на Русија во меѓународните организации, вклучително и ОБСЕ, се користи за да се одложат или блокираат истрагите за кршењето на човековите права, со што ѝ се овозможува неказнето да дејствува на светската сцена.

Со воспоставеното право на вето, секоја нација со политичка моќ од тие размери, може да ја блокира акцијата дури и против најшокантните закани по мирот. Ова не е само неуспех на системот; се работи за фундаментален недостаток на самиот дизајн на системот. Едноставно, нема подобар пример од тоа што Русија постојано го користи своето право на вето за да спречи каква било значајна акција во врска со агресијата во Украина.

Војните продолжија да беснеат низ целиот свет, одземајќи стотици илјади животи, милиони луѓе се раселени, се предизвикува целосно уништување, глад и огромно страдање на цивилите, вклучувајќи жени и деца.

Трагичната иронија е во тоа што, и покрај воспоставувањето на меѓународното хуманитарно право и безбројните конвенции за заштита на цивилите, токму цивилите се тие што продолжуваат да го носат товарот од насилството ширум светот. Од Сребреница во Босна до Буча во Украина и Појасот Газа во Израел, неактивноста на меѓународната заедница често ги прави соучесници во страдањето на најранливите.

Во изминатиот период од 25 години спаѓаат ужасните терористички напади на 11 септември и Војната против тероризмот што следеше, како и руските војни и воени операции во Чеченија, Грузија, Азербејџан, Молдавија и конечно најбруталната и во големи размери тековната војна против Украина, низа конфликти и војни на Блискиот Исток, Африка и Азија – листата продолжува. Толку од декларациите и програмите за промовирање на културата на мирот.

Селективниот пристап на меѓународната заедница каде и кога да спроведе интервенција дополнително ги нагласува нејзините двојни стандарди. Зошто имаше толку брза воена акција во Либија во 2011 година, но долг молк за Сирија и Јемен!? Зошто има толку многу пречки во борбата за слобода на Украина!? Како светот дозволи толку многу страдања на цивилното население во Појасот Газа и Западниот Брег!? Истото се однесува и на конфликтите во Африка… Овие недоследности сугерираат дека културата на мирот повеќе се однесува на политичкиот опортунитет, отколку на човековите права. Точка.

Војната во Украина е уште еден еклатантен и трагичен пример за кршење на принципите наведени во Декларацијата за култура на мирот. Човек не може да биде искрен без да го истакне фактот дека безброј говори, резолуции и санкции, дискутирани и прогласени од меѓународната заедница не успеаја да го запрат уништувањето наметнато од Кремљ. Украинската криза го покажува не само неуспехот на дипломатијата, туку и степенот до кој мировните декларации се игнорираат кога е вклучена Русија. Кина не е многу подобра во овој контекст. Постојните кризи со Кина и оние што претстојат само драматично ќе го потврдат овој став.

Карактерот на војните во последните 25 години се менува и поприма различни облици зависно од конфликтната зона или регион. Но, она што останува исто е бескрајното страдање на луѓето и несразмерно поголемиот број цивилни жртви во споредба со губитокот на оружените формации.

Европа не беше исклучок од војните во последните 25 години. Во 90-тите, балканскиот регион доживеа крајно брутални војни кои го придружуваа распадот на југословенската федерација. Започна со 13-дневна војна во Словенија, но продолжи со ужасно крвопролевање во остатокот од осакатената федерација. Српската команда на Југословенската народна армија и паравоените групи со идеолошка основа од четниците на Втората светска војна и другите паравоени формации се судрија со воскреснатите милиции на усташкото движење и други формации на хрватската страна. Валкан, насилен и крвав конфликт беснееше со бројни цивилни жртви и воени злосторства, и раселување на населението.

Босна мина низ уште пострашна четиригодишна војна со неискажливи воени злосторства и чин на геноцид во Сребреница во 1995 година, при што беа раселени две третини од населението, а стотици илјади цивили беа убиени, вклучително и многу жени и деца, уништени домови и цивили подложени на тортура, вклучително и силувани и мачени жени и девојки во концентрационите логори.

Во 1999 година, кога беше прогласена декларацијата на ОН за културата на мирот, војната за независност на Косово беше штотуку завршена, но регионот беше далеку од својот мир. Во 2001 година, Северна Македонија мина низ шестмесечна војна меѓу албанските бунтовници и македонската армија и полициски сили, која заврши со Охридскиот рамковен договор.

Ѕвецкањето на сабјите на Балканот продолжува, меѓу другото и со тоа што Србија тајно ја вооружува босанската Република Српска.

Додека Декларацијата на ОН за култура на мирот го замислуваше мирот како динамичен процес на дијалог, новите технологии како вештачката интелигенција, сајбер-нападите и војувањето со беспилотни летала ја искомплицираа равенката. Не само што овие технологии создаваат нови фронтови, туку и им даваат на нациите можност за негирање на агресивните операции што изгледаат толку веродостојно, што им отежнува на меѓународните тела да бараат и да лоцираат одговорност. Руската употреба на хибридните воени тактики, вклучувајќи и операции со дезинформации и сајбер-напади, е еклатантен пример за оваа нова реалност.

Сепак, и покрај фактот што употребата на новите технологии и вештачката интелигенција драматично го променија обликот на војувањето – сајбер, физичките и биохемиските напади одземаат бројни животи на постојано дисперзираниот и повеќесекторски/фрагментиран фронт – масакрите во стилот на Првата светска војна продолжуваат во сите воени судири.

Такви се примерите на руската агресија врз Украина, најдеструктивна војна од крајот на Втората светска војна. И, тоа не беше доволно. Светот е сведок на неизмерно деструктивниот напад на израелската армија против Хамас во Газа со над 41.000 мртви (бројката расте), вклучително и две третини од жени и деца, откако терористичката група масакрира повеќе од 1.200 Израелци во октомври 2023 година. Во меѓувреме, ИДФ спроведува воени операции на Западниот Брег, а моментално е вклучен во воени операции во судир со Хесболах во Либан. (Тука треба да се дополни и новата ескалација со иранскиот напад со балистички ракети врз Израел.)

Додека светот комеморираше уште еден Меѓународен ден на мирот, и уште поважно, ја одбележа неговата 25-годишнина, крајно време е да се соочиме со непријатната вистина: глобалните мировни иницијативи, какви што постојат денес, се во голема мера симболични.

Без значајна реформа на ОН и другите меѓународни тела, особено политичката волја да се предизвикаат авторитарни агресори како Русија, културата на мирот ќе остане неисполнето ветување со трагични последици. Вистинскиот мир бара не само изјави, туку решителна, храбра акција. Дотогаш, агресивните режими ќе продолжат да ја избегнуваат меѓународната правда, додека светот го гледа уништувањето на мирот и тешкото кршење на човековите права.

Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Абдиџику: Изборот на Баша за претседател на косовскиот Парламент е победа на незнаењето

August 26, 2025

Една четвртина од светската популација нема пристап до безбедна вода за пиење

August 26, 2025

Пукотница на селски имот во Австралија, двајца полицајци се убиени

August 26, 2025

Трамп: Америка ќе ја поддржи Украина, сакам таа војна да заврши

August 25, 2025

Евростат: Италија, Шпанија и Франција се европски лидери во производство на зеленчук

August 25, 2025
ФОКУС

Израелската војска уби новинари засолнети во болница во Газа

ВЕСТИ August 25, 2025

Најмалку 15 лица, вклучувајќи четворица новинари, беа убиени денес во израелските напади врз болницата „Насер“…

Кијив: Украина денеска ја одбележува својата независност

August 24, 2025

Украински напад со беспилотни летала врз Санкт Петербург

August 24, 2025

Пекинг: Кина е подготвена да испрати војници во Украина, но само под мандат на ОН

August 24, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.