Кристина Атовска, воен реппртер, главна уредничка на видео порталот ИД Медиа и на авторската видео емисијата Лавиринт која се занимава со надворешна политика и безбедносни прапања.
Нова: Штотуку се вративте од посета на европските институции во Брисел како дел од EUVP, што всушност претставува оваа програма?
Кристина Атовска: European Union Visitors Programme е стратешка алатка на Унијата чија цел е да ги зацврсти дипломатските и експертските врски со други земји. Се работи за персонализирана програма која ја изготвуваат луѓето од надворешната служба по направеното интервју за вашите теми на интерес. Моите теми на интерес се, секако политиката за проширување, конкретно нашиот проблем со Бугарија и другите нерешени прашања на Балканот како дијалогот Белград – Приштина. Освен прашањата со кои сме директно засегнати, теми на интерес ми беа и безбедносните политики, односно активностите и ставовите на Унијата за активните војни кои беснеат и на европско тло и на Блискиот Исток. Можам да кажам дека имав многу богата и продуктивна програма во Европскиот Парламент и Европската Комисија. Се сретнав со луѓето од Генералните Директорати кои конкретно се занимаваат со овие прашања, но и со пратениците од неколку пратенички групи, меѓу кои и со новото владејачко мнозинство – Европската Народна Партија.
Нова: Иако неофицијално, какви се пораките кои ги добивте од претставниците на Унијата?
Пораката, за жал, останува иста – без промена на Уставот и без спроведување на веќе потпишаното со соседите, нема влез во Унијата. Постои свесност за опаѓањето на поддршката на граѓаните кон Унијата по низата разочарувања, последно – одвојувањето од Албанија, но сепак тоа ништо не значи со оглед на големиот спор кој го имаме со држава членка. Сите, освен Бугарите, се согласни дека оваа ситуација е нефер кон македонските граѓани, но сите велат дека нема друго решение и се повикуваат на фактот дека сами сме го потпишале тој договор. Европарламентарците пак, се малку пооптимистични и велат дека дискусиите кои ги водат во Парламентот се конструктивни и можат да ја омекнат острата реторика на бугарските пратеници. Сепак, мојот впечаток по средбата со политичките советници на бугарските пратеници не е таков. Сите ја отфрлија можноста за репреговарање со Бугарија, така што Европската Унија ќе чека ние да го направиме потегот, односно да го промениме Уставот за да ни се одблокира патот.
Сличен е и ставот за проблемите меѓу Србија и Косово. Европските претставници велат дека го помагаат процесот на помирување, но децидни се дека лидерите на двете земји мора да го спроведат таканаречениот Охридски Договор и дека од нив зависи иднината на нивните држави.
Разговори одржав и за состојбата во Украина и проблемот на Унијата со своите земји членки кои имаат различни ставови. Службите на Унијата активно работат на барање начини за справување со руската пропаганда, а во моментов фокусот е ставен на начините како да се дадат руските замрзнати средства на располагање на Украина.
Инаку, во Парламентот почнува и процедура на испрашување на поставените Комесари меѓу кои е и поранешната бугарска министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Нашите подджувачи во Парламентот имаат навистина остри прашања за нејзините активности насочени кон македонското прашање, но сепак не очекуваат барање за нејзино враќање со оглед на фактот дека е назначена за Комесар за иновиции и старт-апи, а не за секторите како правда, надворешни работи и интеграции.
Нова: Присуствувавте и на конститутивната седница на работната група во Европскиот Парламент (EU-MK) која ја одржа новиот парламентарен состав, каков е впечатокот – може ли оваа група да направи некакво поместување во односите?
Кристина Атовска: За претседавач е избран хрватскиот пратеник од владечајкото мнозинство, Карло Реслер со кого имав прилика да поразговарам. Тој е голем поддржувач на нашиот евроинтегративен пат и вели дека ќе даде се од себе овој парламентарен заеднички комитет да одигра конструктивна улога во наоѓањето решенија бидејќи за Хрватска е важно Северна Македонија да стане дел од европското семејство. Сепак за втор негов заменик, по предлог на Ковачев, е избран Иван Валчев од бугарската крајна десница и очекувам да биде остар во барањата насочени кон нашата држава. Забележав дека во овој парламентарен комитет има голем број паратеници кои се наши силни поддржувачи, претежно пратеници од Хрватска, Словенија, Данска… и добро е што постои желба за „разубедување“ на бугарските пратеници, но не верувам дека е веројатно тоа да се случи. Дополнително, Унијата во моментов се справува и новонастанатото поместување на десно и отпорот кон проширувањето од некои земји членки на кои ваквите спорови им се добредојдени.
Нова: Спомнавте дека сте се сретнале и со претставници на Бугарија во Европскиот Парламент, какви се пораките?
Кристина Атовска: Знаете дека Бугарија се наоѓа пред седмиот парламентарен изборен циклус во последниве три години и дека партиите, како и граѓаните се крајно разединети по речиси сите прашања, освен за македонското прашање. Таа слика е пресликана и во Европскиот Парламент. Дури и оние кои не се согласуваат со таквата политика на Бугарија во целост, немаат намера да губат гласачи со омекнување на ставот кон нашата држава. Повеќе од очигледно е дека ние сме стратешка цел на Бугарија и не гледам партија која е подготвена да се откаже од репресивната соседска политика.
Нова: Кои, Ви се актуелнте ангажмани?
Во моментов го водам интернет медиумот ИД Медиа мк кој е замислен како интернет телевизија која продуцира исклучиво авторски видео содржини и водам своја емисија „Лавиринт“ која се занимава со надворешна политика и безбедносни прашања.