Скопје: Нека каже премиерот кој е планот за евроинтегративниот пат на државата, кои европските држави го поддржуваат тој план и ако тој план ги подобрува нашите преговарачки позиции, ние ќе го поддржиме, но прашање е до кога ќе чекаме. Треба да знаеме кој е планот и временската рамка по ова прашање, изјави вечерва лидерот на СДСМ Венко Филипче.
– Доколку има механизам за нашата позиција за преговори да се подобри, ние сме тука да дадеме поддршка, меѓутоа сега сме заглавени, не се оди по патот што го потврдиле сите земји членки на ЕУ со Преговарачката рамка. Сега се одвоивме од Албанија и така заглавени, Владата треба да каже кој е планот и дали воопшто имаат план. Премиерот најавува дека имаме поддршка од некои земји за да ја подобриме преговарачката позиција, односно некое одложено дејство на уставните измени, но министерот Муртезани го демантираше во тоа. Затоа инициравме собраниска седница бидејќи Собранието е местото каде се дискутираат такви работи и се носат одлуки како понатаму, рече Филипче во вечерашното гостување во дневникот на телевизија „Сител“.