Во 1894 година во Франција експлодира аферата Драјфус. Обвинет и осуден е Алфред Драјфус, еврејски офицер на францускиот генералштаб, дека шпионирал за Германија. Судењето се одвивало зад затворени врати и со пресудата Драјфус доживотно е осуден на прогонство на Ѓаволскиот остров. Како дел од драјфусовците станува и Емил Зола, но неговата “Обвинувам” не ја намалува агонијата низ која со години ја поминува самиот Драјфус, дури и после неговата смрт, кога продолжуваат повиците- Смрт на Евреите,затоа што низ историјата, на џелатите никогаш не им е доста смрт, никогаш доволно чист воздухот загаден од предавниците и шпионите.
Денес е се исто во Македонија како пред сто години во Франција, тогаш кога повиците на социјалните мрежи на дивјачката орда, бараат Заев, неговите луѓе, критичарите на власта и Груевски да се протераат, да се обесат, да се уапсат, да им суди народот на свој начин. Семето на омразата одамна е посадено, ја преврте утробата до блуење кога се извулгаризира максимата на Џеферсон: “Се тресам кога ќе помислам дека бог е праведен”, затоа што во име на покорноста кон некој друг, нивен бог, решија да ја земат правдата во свои раце.
Така и самиот Груевски, во својот последен говор, го понижи дури и Зола, веројатно мислејќи дека му ја одзема славата со “Обвинувам”, за да си ја припише себеси. За некој половина час педантно му ги наброи сите злочини на Заев, кој потпомогнат од соработниците работи за интереси на странска служба, крика Груевски, опишувајќи го во детали планот на бандава. Како вели драгата Хана Арент: “Хитлер и Сталин биле мајстори за детали”, кога сме веќе кај изворите на тоталитаризмот.
Неговата приказна кипти од сите страни со страст, крв, солзи и пот, но она што ни дава особено расположение се аланфордовските елементи, тогаш кога Груевски загрми со семоќниот глас: имале они логистичка поддршка на непознат сторител, кој кружел низ центарот на Скопје од 12- 18 часот, за да ги фати и пресретне сигналите на мобилките, каде се лоцирале токму и телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции. Груевски заборави да спомне дека штабот на ТНТ групата на Заев, односно Бр.1, е во цвеќарница во некој забутан и мевлив подрум, но нашето трпение е бескрајно- следниот говор ќе го содржи и овој весел детал.
Не кажа само едно премиерот: за која странска земја и служба работеле, односно прислушкувале Заев и соработниците. Еден од групата стационирана во цвеќарата веќе добил три години затвор, откако признал и го потпишал обвинението, но што тој потпишал, за која странска земја работел? Ништо не е познато, каква иронија, а Груевски во својот говор ветуваше дека ќе добиеме транспарентен и независен судски процес, иако самиот влегува во стапицата: ако се колне во независен процес, не би смеел да говори што ќе стори друга независна власт, ах, колку пати таа неволја од независност ја споменувам.
Професорот Фрчкоски во интервјуто што го правев оваа недела одмавна со раката и рече: “Нема да има никаков судски процес”. Кафкијанските процеси некогаш ќе мора да завршат во оваа земја, но дали Груевски мирно ќе се согласи на тие времиња- тоа е најтешката карта за предвидување.