Дваесет и осум годишната Мери Стојаноска отишла да се породи во болницата во Прилеп, а од таму заминала со тешки комликации и бебе кое починало по четири дена на Клиниката за детски болести. Стојаноска обвинува за нестручно изведена интервенција за време на нејзиното породување на гинеколошкото одделение во болницата во Прилеп и бара одговор од надлежните од што почина нејзиното новороденче.
Оваа млада жена за НОВА раскажува дека имала нормална бременост која редовно ја следел матичниот гинеколог. Поради изминување на терминот на 13 јануари матичниот гинеколог ја упатил на гинеколошкото одделение во болницата во Прилеп, но таму не ја примиле со образложение дека се уште е рано за породување.
„Тогаш започна моето одење на контроли секој ден се до 26 јануари, кога ме примија за да се породам со помош на провокација. Поминав низ пекол. Бебето се роди 4.200 грама, но беше итно пратено на интензивна нега во детската клиника во Скопје“, ја започнува својата приказна Стојаноска на која ова и било второ породување.
Стојаноска вели дека породувањето го извршила лекарка гинеколог од Клиничката болница во Битола, која во Прилеп доаѓала бидејќи таму немало доволно гинеколози. На Отпусната листа стои дека Стојаноска родила живо машко бебе тешко 4,200 грама и дека се испишува во општа добра состојба со напомена, да се јави на контрола по пет недели.
Но, Стојаноска тврди дека не е така. Во текот на породувањето додека била приклучена на ЦТГ апарат, отчукувањето на срцето на бебето престанало да се слуша, по што настанала паника во салата за породување.
„Во тој момент настана паника. Ми беше речено дека се расипал апаратот по што донесоа друг. Тогаш повикаа друг доктор и се обидуваа да го извадат бебето на било кој начин, што побргу. Тогаш настана тој прекин на кислород“, вели Стојаноска.
Бебето било испратено на интензивното одделение на Клиниката за детски болести каде на 30 јануари, четири дена по приемот, починало. Во Отпусната листа стои дека новороденчето починало од сепса и тешка породилна асфиксија (слабо снабдување со кислород на телото кое резултира со потешкотии во дишење). Направена е обдукција на телото, но семејството Стојаноски се уште го нема добиено резултатот.
За скандалот да биде поголем, по излегувањето од болница здравствената состојба на Стојаноска се влошила и петтиот ден со тешко крварње била примена во приватната болница Плодност. Таму и е извршена хируршка интервенција бидејќи при породувањето и биле заборавени делови од плацентата.
На 7 февруари Стојаноска поднела барање до Министерот за здравство Никола Тодоров и до Државниот санитарен и здравствена инспекторат да го испитаат случајот. Но, досега не добила никаков одговор. НОВА се обрати во ДСЗИ, од каде потврдија дека претставката ја примиле два дена подоцна и дека пратиле инспектори да го испитраат случајот.
„Пративме инспектори од инспекторатот во Битола. Направен е надзор кај матичниот гинеколог, како и во болниците во Прилеп и Битола. Извештајот се уште не е готов. Службено ќе и одговориме на странката“, изјавија за НОВА од Санитарната и здравствена инспекција.
Сепак, НОВА од лекарски извори дознава дека инспекторите биле пратени кај матичниот гинеколог дури откога се јавивме да прашаме до каде е случајот. Во болницата во Битола нема пратено контрола, а директорот од болницата во Прилеп не одговараше на телефонските повици.
Од Институтот за патологија одговорија дека обдукцијата е извршена но, резултатот се уште не е готов бидејќи лекарката која го работела заминала на едукација во странство преку проектот на Министерството за здравство.
„За 2-3 недели резултатот најверојатно ќе биде готов и ќе биде предаден на Клиниката за детски болести. Содржината можеме да ја соопштиме и на семејството, од хумани причини. Од она што ќе биде пронајдено зависи дали Јавниот обвинител ќе поднесе кривична пријава“, изјави за НОВА Гордана Петрушевска директорка на Институтот за патологија.
НОВА се уште чека одговор од прилепската болница, како и што во врска со случајот ќе превеземе од министерот за здравство Никола Тодоров.