Врз основа на споредба со отисоци од прсти и други методи за утврдување на идентитетот, македонската полиција доби потврда дека лицата кои синоќа се уапсени во Косово се Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска изјави дека двајцата се уапсени во стан во населбата Сани Хил во Пришитина врз основа на меѓународната потерница која лани беше распишана по нив од Основниот суд 1 во Скопје.
Јанкулоска рече дека во станот било пронајдено големо количество на оружје, кое допрва ќе се вештачи.
За Дневник, Насер Руфи, адвокатот на првите двајца обвинети во „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои до вчера беа во бегство, потврди дека на Косово биле уапсени неговите клиенти.
– Дефинитивно уапсените се моите клиенти. Значи беше познато дека е распишана меѓународна потерница и тие се сега достапни за нашиот правосуден систем. Сега ќе се чека екстрадиција, па да се вклопат во предметот бидеќи постапката за нив двајца не е развиена и истите се судат во процесот кој е во тек – вели адвокатот, кој додаде дека од МВР не добил потврда за идентификација на уапсените.
– Од МВР не добив потврда, но нема да кажам кои се изворите. Меѓутоа уапсените се двајцата обвинети од „Монструм“ кои беа во бегство. Контактирав и со нивните семејствата кои знаат дека се достапни. Немам информаци дали на Косово биле упасени за „Монструм“, но мислам дека се поради друго дело – вели адвокатот.
Исмаиловиќ и Демири во моментов се наоѓаат во 48-часовен екстрадиционен притвор по што се очекува да бидат преземени од македонските власти. Во Кривичниот суд во Скопје утре ќе се одржи ново рочиште во судскиот процес за масакрот кај Смилковско езеро, се очекува судијата Ивица Стефановски да одлучи судењето да почне од почеток овојпат во присуство и на Демири и Исмаиловиќ.
Исмаиловиќ и Демири се бараат како првоосомничени во случајот “Монструм“. Тие се обвинети дека се директни извршители на убиствата на петмината кај Смилковското езеро.