Пишува: Професор Ѓорѓи Спасов
На фашистите и на партизаните во Македонија, време е некој да им јави дека Втората светска војна е завршена.
За жал, некои од партизаните во движенето на отпорот, се уште во секој член на ВМРО ДПМНЕ гледаат само фашист кој треба да биде ликвидиран или изведен пред лицето на правдата за направените злосторства, а се чини дека официјална идеологија на денешната власт на ВМРО ДПМНЕ е дека: во секој член на СДСМ треба да се гледа како на „комуњар“ кој треба да биде сотрен.
Затоа се случува појавата на умерени гласови од едната или од другата страна да биде дочекувана на нож, како опасност од „помирувањето“ кое ќе ја спречи подготвуваната ликвидација, и одмазда.
Во такви услови, повикувањето на Меѓународнта заедница да биде воспоставен политички дијалог помеѓу власта и опозицијата во Македонија не допира до оние во чии ушии се слушаат само фанфарите на војната. Во такви услови објаснувањето на амбасадорот на ОБСЕ дека лидерите на политичките партии имаат должност да соработуваат за надминување на проблемите во земјата не допира до оние кои се желни само за одмазда.
Затоа разумно звучи Зоран Заев кој повторува дека ВМРО ДПМНЕ и е потребно на Македонија и дека објавувањето на содржината на прислушуваните разговори има за цел и секој член и гласач на ВМРО ДПМНЕ да дознае што правеле избраните функцинери во власта во нивно име, со кои методи се служеле, и самите да видат дали е тоа во согласност со идеологијата, и вредностите заради кои членуваат во таа партија или заради кои и дале подршка на изборите.
Зоран Заев потсетува дека постојат заеднички цели и вредности за сите партии во Македонија, не смее да има колективна одговорност туку секој поединечно треба да одговара за она што го направил или не го направил како што треба а бил должен тоа да го стори додека бил на власт.
Имаме заедничка должност- вели Заев, да не дозволиме тешките злоупотреби на власта, за кои дознаваме секој ден, да се повторат. За таа цел ни е потребен гласот на разумот од сите страни.
Кога Заев денес вели: Да не дозволиме ова никогаш да не се повтори! Тој вели всушност:Да не дозволиме никогаш повеќе Македонија да има власт без контрола. Власт без одговорност. Власт без чуство за потребите на другите. И токму тоа треба да биде суштината на новиот политички договор во Македонија. За остварувањето на таа цел е потребен политичкиот дијалог. Тоа треба да биде цврста определба на сите политички партии кои го прифаќаат Уставот на Македонија.
Европската Унија ги има согледано слабостите во македонскиот политички систем и во своите извештаи за напредокот упорно инсистира на :1. Унапредување на политичкиот дијалог во земјата меѓу власта и опозицијата. 2. Слобода на медиумите. 3. Владеење на правото, односно, на професионалност на јавната администрација и непристрасност на судството. И 4. На раздвојување на партијата од државата, со цел создавање услови за фер изборен натпревар во земјата.
Опозицијата, која нуди докази дека изборите што ги организира сегашната власт не обезбедуваат фер изборен натпревар, одбива да учествува во работата на парламентот, односно не го признава легитимитетот на избраните претставници на власта, и како услов за нормализирање на состојбата во Македонија бара: 1. Системски промени и гаранции за одвојување на партијата од државата . 2. Укинување на државниот монопол врз клучните медиуми и обезбедување слободен пристап до нив за граѓаните и опозицијата.3. Формирање техничка,или службена влада на неколку месеци пред изборите која ќе ја гарантира непристрасноста на сите државни органи во време на изборниот процес. И 4. Завршување на пописот на населението, кој е меѓународна обврска на земјата и прочистување на избирачкиот список.
Барањата на ЕУ и на опозиција всушност не се разликуваат многу. Тие се во основа една нова програма за развој на Македонија и реално претставуваат политичка алтернатива на сегашниот авторитарен модел на владеење кој ја оддалечува Македонија од ЕУ и од НАТО:Оттука секое тврдење дека СДСМ бара само промена на власта а не нуди политичка алтернатива е рамно на политичко слепило создадено исклучително од идеолошки побуди.