Претседателот на партијата „Достоинство“, генерал Стојанче Ангелов денеска пред зградата на Владата на Република Македонија изјави дека се приклучува на барањата на опозицијата и го повика премиерот Никола Груевски да си поднесе оставка , бидејќи нема легитимитет.
Ангелов вели дека е револтиран и од односот на МРТВ која не ги објавува прислушуваните разговори и ги повика граѓаните, вечерва во 19 часот да му се придружат и заедно да влезат во МРТВ и лично да побараат од дежурните екипи во телевизијата да ги емитуваат снимките.
-Даваме целосна поддршка на барањата кои синоќа ги испрати лидерот на СДСМ. Го повикуваме Никола Груевски кој се уште е премиер, но нема политички легитимитет, после сето она што го слушнавме како поминале изборите во Македонија, веднаш да си даде оставка. Да биде формирана преодна Влада, Јавниот обвинител уште во текот на денешниот ден да поднесе оставка, раководството на македонската телевизија веднаш да поднесе оставка. Денес на оваа прес-конференција ја нема македонската телевизија, зарем ние од Достоинство и јас како бранител од 2001 година, не заслужив нашата национална макеоднска телевизија која што сите ние ја плаќаме, да ги покрие нашите денешни активности? Затоа ги повикувам сите граѓани денеска во 19 часот да дојдат пред македонската телевизија и да влеземе внатре, рече генерал Стојанче Ангелов денеска.
-Јас сум подготвен да влезам внатре и сам и ќе побарам од дежурните екипи да ги емитуваат разговорите кои ги објави опозицијата. МРТ е должна да ги објави овие разговори, македонските граѓани не се глупи, доста го понижувавте македонскиот народ, пуштете ги снимките, луѓето сами да слушнат и сами да донесат заклучок. Да не дозволуваме разни типови на овој режим да го перат мозок на граѓаните. Јас како поранешен полициски генерал кажувам дека нема да дозволам насилство, но ние ќе влеземе внатре и ќе побараме да го емитуваат она што тие доколку малку од малку имаа совест и образ, досега стопати требаше да го пуштат, вели Ангелов.
Претставници на „Достоинство“ заедно со Ангелов денеска положија цвеќе пред споменикот на бранителите во „Жена парк“ .




