Тргнете ги рацете од Уставниот суд. Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава за европски вредности! Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се трудат! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој неможе да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот! Ова им го порача претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на денешната прес – конференција на политичките чинители во државава.
Тој упати порака и до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи Уставниот суд ќе продолжи безкомпромисно да го чува Уставот и граѓанските слободи и права.
Владеењето на правото и правната држава неможат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права кои се признати со меѓународното право и утврдени во Уставот! Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од било кого. Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него! А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум само на Уставот и никому друг, истакна Костадиновски.
Правејќи пресек на сработеното во 2024 година, претседателот на Уставниот суд, посочи дека ова е година во која одбележувајќи го јубилејот 60 години уставно судство, Судот се соочи со крупни реформи и новини во неговата работа, но, за жал, и година на сериозни политички притисоци и влијанија врз Судот.
Тој истакна дека 60-годишниот јубилеј беше повод Уставниот суд конечно да добие свој визуелен идентитет со лого, веќе препознатливо за сите, а значајниот јубилеј го одбележаа и со Меѓународна конференција на која акцентот беше ставен на слободата на изразување од аспект на уставно – правната заштита.