ВМРО ДПМНЕ планира голем собир во недела во салата „Борис Трајковски“. Повеќе личности од владејачката партија, меѓу кои и премиерот Никола Груевски на собирот ќе испратат пораки поврзани со актуелната политичка ситуација во земјава.
Според партијата, организирањето на овој собир било резултат на иницијативите на неколку општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, а поводот биле актуелните политички настани во земјава и потребата од одговор.
Планирано е вакви собири да се одржат во повеќе градови во земјава на кои ќе се „одговори со аргументи и со конкретни поенти. Граѓаните очекуваат одговор на своите реални потреби, барања и прашања“, велат во ВМРО ДПМНЕ.
Собирот ќе се одржи во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, а влезот ќе биде бесплатен за сите граѓани.
За трибината на ВМРО-ДПМНЕ која се организира во недела, се испраќаат партиски наредби и упатства дека е задолжително доаѓањето во Скопје, пренесува А1.он.
Како што пренесува порталот, жители на неколку града од внатрешноста се жалат дека е наредено да се дојде во Скопје, а веќе бил обезбеден превоз со автобуси и времето на поаѓање и враќање.




