Актуелниот хрватски претседател и кандидат на СДП Зоран Милановиќ, според првите податоци од излезните анкети, освоил 49.12 отсто, што упатува дека ќе има и втор изборен круг закажан за 12-ти јануари.
Кандидатот на ХДЗ Драган Приморац има поддршка од 19,29 отсто, независната кандидатка Марија Селак Распудиќ 8,84 отсто, а кандидатката на Можеме – Ивана Кекин 8,33 отсто.
Исто така, независниот кандидат Томислав Јоњиќ има поддршка од 3,99 отсто, Миро Буљ од партијата Мост има 3,48 отсто, Бранка Лозо од Домино 2,56 отсто и Нико Токиќ Картело, независниот кандидат, 0,80 отсто.
Во Хрватска денеска се одржа последниот чин од таканаречената суперизборна година – осми избори за претседател на државата – се одржа првиот круг од претседателските избори, по парламентарните избори во април и европските во јуни, на кои учествуваа осум кандидати.
Се гласаше на нешто повеќе од 6.500 избирачки места, а право на глас имаа 3.762.224 гласачи.
Од независноста на Хрватска, Фрањо Туѓман и Стјепан Месиќ беа претседатели во два мандата. По еден мандат освоија Иво Јосиповиќ и Колинда Грабар Китаровиќ. Актуелниот претседател Зоран Милановиќ на овие избори се бори за втор мандат.