Судскиот совет на Република Северна Македонија на седница денеска избра нов претседател на тоа тело. Тоа е Александар Камбовски. Изборот следуваше откако претходната претседателка Весна Деамева поднесе оставка.
Денешниот избор на претседател во Судскиот совет, следеше во ситуација кога Собранието минатиот декември не го усвои годишниот извештај за работата на ова тело, а тој беше дочекан со низа критики за политички нарачани одлуки.
Неусвојувањето на извештајот за работата на Судскиот совет директно ја отвора можноста пратениците врз основа на членот 100 од Законот за судски совет да отворат расправа за работата на членовите на тоа тело кои се избрани од Собранието.
Дека таква разврска не е исклучена, навести и премиерот Христијан Мицкоски, најавувајќи дека „размислуваат за неколку потези што ќе ги преземат после празниците”.