Јужноафриканските власти извлекоа најмалку 60 тела од окното на затворениот рудник за злато на повеќе од два километра под земјата, каде што се стравува дека има повеќе заробени, по опсадата како дел од борбата против нелегалното ископување.
Опсадата на рудникот, која почна во август во градот Стилфонтејн, на речиси 150 километри од Јоханесбург, го прекина снабдувањето со храна и вода во обид да ги принуди рударите да излезат на површината за да бидат уапсени.
Властите вчера почнаа да користат метален кафез за да почнат да ги извлекуваат луѓето и телата од окното, а се очекува дека ќе бидат потребни денови. „Не знам точно колку луѓе сѐ уште се таму“, изјави јужноафриканскиот министер за полиција, Сензо Мчуну, за телевизијата NCA, доцна во вторникот.
Фокусирани сме да дојдеме до нив, да им помогнеме да излезат. Тешко е да се каже кога ќе бидат извлечени сите рудари, нагласи тој.
Во вторникот 106 преживеани беа извлечени и уапсени поради нелегално ископување. Еден ден претходно, бројката беше 26. Јужноафриканската индустрија за благородни метали со децении се бори со нелегалното ископување, што ги чини владата и индустријата стотици милиони долари годишно поради изгубени продажби, даноци и хонорари, проценува телото на рударската индустрија.
Нелегалното ископување главно е фокусирано на рудници што компаниите ги напуштиле бидејќи повеќе не се комерцијално исплатливи.