Масовни тепачки и инциденти по улиците на Скопје. За само три дена хируршките клиники се наполнија со млади луѓе, дел од нив повредени во инцидентите, а дел настрадале како случајни минувачи и невини жртви на хулигани.
Настаните од судирот на полицијата со демонстрантите албанци, како и од претходниот протест од македонци пред владата, ги заострија меѓунационалните односи.
Доцна синоќа во Ургентниот центар биле донесени момче и две девојки, едната македонка, а другата албанка . Сите биле повредени во два одделни инциденти. Дваесет и четири годишното момче било нападнато во старата скопска чаршија, без повод и причина од десетина непознати лица, кои го удирале со тупаници по телото. Шеснаесет годишната девојка била нападната на автобуска постојка кај средното училиште “Димитар Влахов“ од две маскирани лица кои прво ја влечеле, а потоа со остар предмет и нанеле повреди по лицето и телото.
Два часа претходно со возило на МВР биле донесени двајца албанци, едниот роден 1984, а другиот 1985 година. За нив лекарите неможеа да потврдат како биле поврдени.
И 35 годишен маж бил нападнат пред објектот на МНТ по што бил пренесен во градската болница информираат од МВР.
На хируршките клиники од инцидентите во саботата биле донесени седум луѓе, од кои тројца со повреди на лицето и скршеници на нос биле препратени на Клиниката за уво, нос и грло. Едниот денес е опериран.
Двајца биле нападнати и повредени во автобусите на ЈСП, еден имал труење од солзавец и пратен на лекување на Клиниката за токсикологија.
Истиот ден со возило на Итна медицинска помош од градската општа болница „Осми септември“, во придружба на полиција бил донесен уште еден повреден во инцидентите кој се наоѓа на лекување на неврохирургија.