Медицински техничар кој 12 години работи како волонтер на една од скопските клиники ќе ја тужи клиниката бидејќи не бил ставен на списокот за вработување во кој е опфатена првата група кои имаат најдолг стаж на волонтирање. Овој човек кој со години издржува сопруга и две деца со 4500 денари, стравува дека наместо него на листата за вработување може да биде ставен некој друг иако тој најдолго време работи како волонтер на клиниката.
„Не знам од кои причини не сум ставен во првиот список на вработување. Ќе ја тужам клиниката бидејќи не сум на списокот кој е веќе предаден кај надлежните, иако најдолго време работам како волонтер“, изјави овој човек чиј идентитет од разбирливи причини нема да го објавиме, а е познат на редакцијата на НОВА.
Во една од скопските градинки со волонтерски договор работат 12 негователки, за 4 600 денари месечно. Сите се надеваат и нестрпливо очекуваат дека ќе бидат вработени. Не знаат зошто е одложено вработувањето кога списоците одамна биле предадени кај надлежните институции.
„Волонтерски работам четири години, а некои од моите колешки работат и повеќе години. Списоците се предадени и чекаме да добиеме решенија за работа. Стравуваме да не бидат уфрлени други други, по партиска линија“изјави негователка, која сакаше да остане анонимна за да не го изгуби работното место.
Страв и неизвесност владее во болниците, градинките и другите државни институции откако Владата ги одложи вработувањата на волонтерите за 90 дена. Особено се нестрпливи и незадоволни оние волонтери кои требаше да бидат вработени во првата група, на 12 март.
Некои од нив кои се обратија во редакцијата НОВА велат дека стравуваат од можни партиски вработувања, особено што одеднаш Владата одлучи вработувањата да бидат пролонгирани за 90 дена бидејќи институциите не успеале да ги .комплетираат документите за трансформација на работниот однос, поради што преку законски измени им е дадено уште време.
„Јас сум влезена во првата група и требаше да бидам вработена на 12 март. Кај нас во болница е хаос. Луѓето не знаат што се случува бидејќи списоците се одамна направени. Незадоволни и нестрпливи сме бидејќи не знаеме што се случува, зошто е ова пролонгирање и како ќе заврши целата работа “, вели за НОВА една од медицинските сестри која со години волонтира во Клиничката болница во Битола.
Таа работи во смени, со ноќни дежурства, става инфузии, инекции на пациентите. Волонтерите како неа ја имаат целата одговорност како вработените медицински сестри, а месечно земаат 4 500 денари, пари кои се предвидени за превоз и храна.
Директорот на болницата Васко Најдовски вели дека вработувањата се одложени поради дополнувањето на Законот за трансформација на работниот однос.
„Проверуваме дали има некакви пропусти, има законски одредби кои треба да се почитуваат. Контролираме дали некоја од медицинските сестри имала прекин на работењето поради боледување“изјави за НОВА Најдовски.
Пред една недела вицепремиерот Владимир Пешевски изјави дека институциите не успеале да ги комплетираат документите за трансформација на работниот однос, поради што преку законски измени им е дадено уште време.
„Тоа го бараше самата ситуација на теренот бидејќи комплетирањето на документацијата за овие вработени бара време. Се чини дека тој број ќе биде поголем од 3.000. Со тоа, сакавме да овозможиме сите што ги исполнуваат условите да ги добијат бенефициите од законот “– изјави Пешевски.
Со ова примената на решенијата за работен однос наместо за 30 ќе се издаваат за 90 дена. Со Законот за трансформација на работниот однос треба да се овозможи вработување на лицата кои имале прекин на работниот однос поради породилно отсуство, за што ќе била формирана и посебна комисија.
Од друга страна пак, некои од директорите велат дека списоците прво одат на прочистување во Министерството за здравство, а дури потоа во Министерството за финансии.
„Направивме групи. Во првата влегуваат 35 проценти од волонтерите кои работат најдолго и тие хронолошки по ред, според времето на волонтерињае се наоѓаат на списокот. Листата ја предадовме во Министерство за здравство каде се прочистува, а потоа оди во финансии“, изјави за НОВА Гоце Велјановски економски директор на Клиника за рентгенологија.
Во Министерството за здравство пак, велат дека законот не е предложен од нивна страна и затоа не сакаат да коментираат ништо.
Во јавното здравство има најмногу волонтери кои таму работат со години. Според некои пресметки околу 15 проценти од сите што работат во здравството се волонтери. Но, реакции стигаат и од волонтери во други државни институции. Стравуваат да излезат јавно, за да не бидат избришани од списоците.
На почетокот на февруари Владата одлучи да бидат вработени над 3.000 луѓе. Хонорарци, волонтери, вработени со договор на дело или ангажирани лица на определено време во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, јавните претпријатија, заводите и фондовите чиј основач е државата, требаше да добијат решение на неопределно редовно вработување.
Основен услов за вработување, според најавите е тие да биле ангажирани најмалку три месеци, заклучно со 30.11.2014-та година и во моментов на носењето на законот се уште да се ангажирани. За дел од екпертите , но и за волонтерите кои работат по 10, 15 години, индикативно е што се бараат и луѓе кои работеле најмалку 3 месеци во институциите. Токму овој момент за волонтерите е спорен и тие стравуваат од нови партиски вработувања во државните институции.
Според најавите само во здравството требаше да се вработат околу 2000 луѓе. Првата група од 700 волонтери требаше да бидат примени на работа на 12 март.
Вториот бран вработувања според најавите на Владата треба да се случат во декември годинава, а последниот во септември 2016-та година.