Случајот на прилепчанката Мери Стојаноска која обвинува за нестручно изведена интервенција за време на нејзиното породување, по што починало и нејзиното новороденче, стигна во Лекарската комора на РМ.
Во Извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат упатен до Стојаноска, се вели дека ДСЗИ постапувајќи по преставката во врска со нестручно изведена интервенција од страна на здравствените работници во болницата во Прилеп, поради која настапила смрт кај новороденчето, случајот го упатуваат во Лекарската комора бидејќи тие како орган немаат надлежност да ја оценуваат работата на лекарите. Од тие причини инспекторатот бара од Лекарската комора да формира Комисија за стручен надзор која ќе спроведе постапка и ќе го испита случајот.
„Ќе почекаме да видиме што ќе одлучи Комисијата. Ние го добивме и наодот од обдукција од кој се гледа дека бебето имало повреди на главата при породување, а дека причина за смртта не е инфекција како што претпоставуваа лекарите“ изјави за НОВА Стојаноска.
Во комората се уште не е формирана Комисија за етички и правни прашања која треба да оцени дали треба да се формира Комисија за стручен надзор која ќе ја превземе истрагата за случајот во свои раце.
„Доколку се одлучи да се формира Комисија која треба да изврши надзор, ќе се формира тим од лекари гинеколози кои треба да одат на лице место во болницата за да ја испитаат целата процедура во текот на породувањето, по што ќе направат записник. Нивното мислење потоа треба да го испратат во Министерството за здравство кое треба да одлучи дали ќе покрене постапка во обвинителството“, објаснуваат за НОВА во Лекарската комора.
Дваесет и осум годишната Мери Стојаноска отишла да се породи во болницата во Прилеп, а од таму заминала со тешки компликации и бебе кое починало по четири дена на Клиниката за детски болести. Стојаноска обвинува за нестручно изведена интервенција за време на нејзиното породување на гинеколошкото одделение во болницата во Прилеп и бара одговор од надлежните од што почина нејзиното новороденче.
Стојаноска вели дека породувањето го извршила лекарка гинеколог од Клиничката болница во Битола, која во Прилеп доаѓала бидејќи таму немало доволно гинеколози. На Отпусната листа стои дека Стојаноска родила живо машко бебе тешко 4,200 грама и дека се испишува во општа добра состојба со напомена, да се јави на контрола по пет недели.
Но, Стојаноска тврди дека не е така. Во текот на породувањето додека била приклучена на ЦТГ апарат, отчукувањето на срцето на бебето престанало да се слуша, по што настанала паника во салата за породување.
„Во тој момент настана паника. Ми беше речено дека се расипал апаратот по што донесоа друг. Тогаш повикаа друг доктор и се обидуваа да го извадат бебето на било кој начин, што побргу. Тогаш настана тој прекин на кислород“, вели Стојаноска.
Бебето било испратено на интензивното одделение на Клиниката за детски болести каде на 30 јануари, четири дена по приемот, починало. Во Отпусната листа стои дека новороденчето починало од сепса и тешка породилна асфиксија (слабо снабдување со кислород на телото кое резултира со потешкотии во дишење).
За скандалот да биде поголем, по излегувањето од болница здравствената состојба на Стојаноска се влошила и петтиот ден со тешко крварење била примена во приватната болница Плодност. Таму и е извршена хируршка интервенција бидејќи при породувањето и биле заборавени делови од плацентата.
Откако на 4 март НОВА ја објави сторијата, Министерството за здравство одлучи да спроведе постапка и да го испита случајот во прилепската болница.