Немајки повеќе каде, Сашо Мијалков, МВР и ВМРО-ДПМНЕ конечно јавно ја признаа автентичноста на аудио доказите што СДСМ ги става на увид на јавноста.
– Мијалков, МВР и ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека постои милионски корупциски скандал поврзан со набавка на опрема за прислушување од Израел, во којшто се инволвирани првите луѓе во власта, Мијалков од позицијата директор на УБК и Груевски од позиција на премиер, велат од СДСМ.
Според најголемата опозциска партија, Мијалков, после се што се слушнало, и од СМС пораките, за легнати 540.000 евра, за испорачани 840.000 евра, за суми од 3 пати по 900.000 евра, се оправдувал само за првата сума и тврди дека се работело за донација од пријателски служби.
– За таа „донација од пријателските служби“ којашто во разговорите помеѓу Мијалков и неговата соработничка во УБК и судијка Светлана Костова е јасно изговорена како „провизија“ МВР не само што признава дека се случила, туку и признаваат дека криеле, зашто „донацијата била државна тајна“!
– Оттука, Сашо Мијалков и Никола Груевски мора да објаснат, каква е таа наводна донација што се реализира преку приватна фирма во Македонија? Таа фирма е јасно наведена во објавените разговори, чијашто содржина лично Мијалков писмено ја потврди“, се вели во соопштението на СДСМ.
– Ако парите биле наводна донација, зошто се уплаќани на сметки во странски банки и странски држави, како примерот со банката во Будимпешта? Каква е таа наводна странска донација што не е пријавена во Секретаријатот за европски прашања? Каква е таа донација во којашто се договара давање пари во кеш“, се вели понатаму во соопштението.




